Охрид, 31. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, денеска ќе започне дводневната 51. Меѓународна научна конференција, на која ќе учествуваат 85 македонисти, филолози, слависти, балканолози, културолози, академици, емеритуси, раководители на Катедри на лекторатите, професори, научни истражувачи, лектори и преведувачи.
Конференцијата се одржува по повод: 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков, 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, а ќе се работи во две секции: јазична и литературно-културолошка. Слоганот на конференцијата „75 за 75“ се однесува на „75 реферати за 75 години УКИМ“, информираат од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
Меѓународна научна конференција се одржува веднаш по завршувањето на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, која доживеа огромен успех.
По конференцијата, ќе следува публикување на Зборник предавања од 57. Летна школа и Зборник на трудови од 51. Меѓународна научна конференција. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива