Охрид, 7. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Претстојниов продолжен викенд Охрид за првпат ќе биде домаќин на фудбалскиот турнир West Balkan children’s cup.
Станува збор за еден од најреномираните турнири на Балканот, што за првпат ќе се одржи и во Македонија и тоа во Охрид. Ќе учествуваат 32 клубови од Македонија, Србија, Црна Гора, Косово и Бугарија со вкупно 80 екипи.
Отворањето на турнирот е во четврток,10-ти октомври. Ќе трае до недела, 13-ти октомври, а натпреварите ќе се играат на терените на СРЦ „Билјанини извори“.
– Ќе се натпреваруваат пет генерации фудбалери, родени од 2012 до 2016 година. Натпреварите ќе се играат на терените на СРЦ „Билјанини извори“ почнувајќи од 09:00 часот. Ќе бидат доделени медали и пехари за прво, второ и трето место соодветно по генерации. За првопласираните од секоја генерација е обезбедено учество за следната година на West Balkan children’s cup во Белград. Ова ни е прва година, а планот е турнирот да прерасне во традиционален, велат организаторите за Супер радио и OhridPress.
Додаваат дека овој настан покрај од спортски, значаен е и од туристички аспект бидејќи за време на продолжениот викенд на охридската ривиера ќе престојуваат околу 1.500 деца заедно со нивните родители. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива