Охрид, 31. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Неверојатна гужва, Лесковачки скари, апарати за се’ и сешто, ѓубре насекаде, Auto tune музика, светски Dj-и и фолк „елита“ од Балканот на едно место…
Сакале тоа да си го признаеме или не, ова е реалната слика за Охрид деновиве.
Градот го живее шпицот на сезоната со старите навики и делува како некоја прекрасна дама, која има прекрасно лице, но за жал тоа е измачкано со сите можни шминки и пудри одеднаш.
Години наназад се зборува за овој проблем, граѓаните се максимално револтирани, пред се’ од нападноста и гласноста на некои од настаните, без да се навлегува во вкусовите и квалитетот на понудата која е пред нив. Од рано наутро до касно во ноќта се слуша прегласна музика од секаде, тезги за се’ и сешто на сите страни, а наутро и покрај напорите, надлежните служби едвај се справуваат со состојбата и се трудат да го исчистат градот од ѓубрето кое се фрла насекаде.
За решавање на оваа појава мора да се најде системско, одржливо и реално решение, по углед на поголемите туристички центри и конечно да се стави крај на овие немили слики кои Охрид реално не ги заслужува.
Охрид може, но Охрид и мора да даде повеќе. Да ја видиме повторно старата дама со нејзиното најубаво лице, без непотребни разубавувања.
Од неодамна на OhridPress воведовме еден сегмент наречен „Срамизам“, каде ги поместуваме и бележиме „најголемите хитови“ на сите оние кои со својот однос покажуваат дека или не знаат каде живеат, или не знаат каде дошле.
Во описот на рубриката стои објаснувањето на еден млад господин од Охрид кој имаше посебна кованица и муабет за вакви случаи, која совршено ја опишува оваа состојба на умот.
– Тоа ти е пријателе „срамизам“… Тие се глупираат, тебе ти е незгодно и те фаќа срам, знаеше да каже.
Е па пријатели… Срамизам… (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива