Охрид, 15. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Влеговме во оваа битка токму онака како што влегуваме во сите животни битки, искрено, посветено и без калкулации. Впрочем придобивките од нашата профисионална кариера секогаш сме ги анализирале од аспект за помош на поединецот, а преку него и на заедницата, порачаа во завршното обраќање од Независната советничка листа „Охрид има План Б“ и носителот Антонио Наумоски – Тоци.
– Препреките заради не/функционалноста на системот сме ги решавале преку овозможување функционалност на поединецот. Во средиштето на нашиот натполитички концепт за градот ќе биде поединецот, а најмногу „онај“ кој се наоѓа на маргините на ова квази елитистичко друштво. Ве уверуваме дека нашата борба ќе биде борба за индивидуализмот, но и борба за личната одговорност. Согласно нашата кандидатура, повеќе од јасно е дека немаме намера нашите грешки нема да ги правдаме со колективна одговорност, со криење позади изговорите од типот „одлука од централата“. Оние кои добро не познаваат, знаат дека сме со изразено персоналити, во животот сме создавале исклучиво врз основа на нашата лична подготовка и труд, не почитуваме умилкувачи, но исклучително почитуваме луѓе кои знаат да си ја вршат својата работа“, велат од независната советничка листа „Охрид има План Б“.
Додаваат дека нивното делување нема да биде под притисок на партиски лидери, туку исклучиво под притисок на народот.
– Одлуките ќе бидат димензионирани согласно потребите на заедницата, а не согласно потребите на партијата. Зад нас не стои ниту една партија, ниту пак некои поранешни „државници“, скриени позади неколкумина млади луѓе, веројатно деца на порашени функционери. Како и да звучи, сепак ова е вистината, а тоа е дека позади нас стојат исклучиво граѓаните, потенцираат од независната листа.
Носителот, Наумоски – Тоци во завршното обраќање до неговите драги сограѓани потенцира дека тие совршено добро знаат кој е и каков човек е и затоа без ни малку задршка, ја бара нивната поддршка.
– Јас како носител на независната советничка листа „Охрид има План Б“ и останатите кандидати за советници од листата ќе бидат една противтежа во Советот на Општина Охрид. Во ова мое обраќање нема да напишам ништо за патриотизмот, затоа што луѓето знаат дека го имам во себе, нема да напишам ништо за верската и национална толеранција, затоа што ја живеам откако знам за себе, нема да пишувам за семејни вредности, затоа што ги негувам. Имено, нема да пишувам за работи кои се подразбираат. За крај, Ви ветувам и Ве уверувам дека ќе сум чувар на имотот и буџетот на градот, делувајќи исклучиво во интерес на граѓаните, вели Антонио Наумоски Тоци, носител на независната советничка листа „Охрид има план Б“, листа која на избирачкото ливче во недела е под број 98. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива