Охрид, 12. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охрид ги има потребните услови да стане филмски град.
Нашиот град досега веќе во неколку наврати се има покажано како погодна дестинација за снимање. Бројни режисери одлучиле дел од сцените во своите филмски остварувања да ги работат токму во Охрид. Овде се снимани делови од филмовите “Трето полувреме”, “До Балчак”, “Татко”, “Деца на сонцето” и други.
Охрид и околината беа одбрани како најсоодветни и за сцените на кратките студентски филмови кои лани и годинава се прикажуваа на Охридскиот филмски фестивал.
Според охридскиот режисер Илија Пиперкоски, дефинитивно има што да понудиме како град. Охрид има многу повеќе работи во споредба со други, веќе познати и афирмирани филмски центри.
– Во однос на условите, логистиката и инфраструктурата за Охрид и што значи снимање тука, доволно говори фактот што одлучив моето првенче на полето на играниот филм “Дедо и внук” да го снимам целосно во Охрид.
Градов ги има сите неопходни услови, езерото, планината селата… Тука можат да се снимаат било какви теми, било каков жанр на филм, без разлика дали е драма, трилер или романтична комедија, истакна Пиперкоски.
И директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска – Илиевска, потврди дека Охрид, покрај туристички, може со тек на време да биде и филмски град.
– Охрид неслучајно е град на УНЕСКО, ги има сите можни природни убавини и се она што е потребно за различни жанрови на филмски остварувања. Охрид со своите убавини е навистина поволна дестинација за снимање филмски остварувања, вели Ѓоргоска – Илиевска.
Во таа насока, имајќи предвид дека Охрид навистина има потенцијал за филмски град, од учебната 2015/2016 година започна со работа и Филмската академија на ФАМУ од Прага.
Токму Охрид следниот месец ќе биде домаќин на работилница за сценарио, организирана од Академијата за филм ФАМУ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива