Охрид, 4. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Потребата и иницијативата за отворање дневен центар и дом за стари лица во општините Охрид и Дебрца беше во фокусот на работната средба одржана по повод Меѓународниот ден на старите лица.
Охридскиот Црвен крст и годинава се вклучи во одбележувањето на овој ден. Меѓудругото, групата волонтери што ја спроведува програмата за грижа за стари лица „Најди време“, организираше дискусија со претставници на локалната самоуправа во Охрид, Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.
– Во текот на средбата, повеќе учесници дискутираа за условите за здраво и за достоинствено стареење во наведените општини, како и за конкретни предлози за надминување на предизвиците на ова поле, соопштија од Црвениот крст.
Учесниците во дискусијата се согласија дека соработката помеѓу различните чинители е неопходна за да се реализираат идеите за подобрување на условите за активно стареење на локално ниво. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива