Охрид, 6. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со повеќе активности, Охрид и годинава достојно ја одбележува годишнината од смртта на Григор Прличев.
Делегација на Општина Охрид, предводена од градоначалникот, д-р Кирил Пецаков положи свежо цвеќе во дворот на ООУ „Григор Прличев“ по што се одржа панихида на вечното почивалиште на великанот. Општинска делегација положи цвеќе и се поклони пред спомен бистата на великанот и пред градската библиотека.
Во спомен куќата која го носи неговото име, продолжија свеченостите за македонскиот и охридски великан Григор Прличев. Настанот започна со познатата „1762 лето“ во изведба на групата „Св. Софија“ и вокалистите Митко Колушевски и Венко Пашовски.
Во името на локалната самоуправа, пред присутните се обрати заменик градоначалникот Перчо Божиновски. Пред присутните беа прочитени и првонаградените литературни творби на ученичките Матеја Колеска и Ивана Митре.
– Како локална самоуправа која води исклучителна грижа за нашите историски и културни вредности, ја продолжуваме акцијата за печатење на книги со Брајово писмо. Годинава доделивме два примероци на книгата „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението на слепи лица од Охрид, информираат од Општина Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива