Охрид, 2. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охрид и годинава достојно ќе го одбележи празникот Св. Климент Охридски – Патрон на градот.
Во вторник на 5-ти декември 2023 година, во големата сала на Општина Охрид, со почеток во 12:30 часот ќе се одржи промоција на книгата „Oхрид и охридско 1918-1929“ од проф. Михаил Патчев.
Во среда, на 6-ти декември, во OСУ „Св. Климент Охридски“ со почеток во 17:00 часот ќе биде поставена изложба на учениците од училиштето, а предвидено е и доделување на награди на најдобрите литературни и ликовни творби. Учениците од ОМУ „Методи Патче“ во концертната сала на училиштето од 18:00 часот ќе одржа музички концерт, а од 19:30 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“, ООУ „Св. Климент Охридски“ ќе одржи свечена приредба.
Во куќата на Уранија – МАНУ, во четврток, на 7-ми декември ќе биде отворена изложба на фотографии „По трагите на светите Кирил и Методиј“, во коорганизација на Општина Охрид и Амбасадата на Република Словачка во Република Македонија. Од 19:00 часот во изложбениот салон при НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде отворена традиционалната изложба на Фото клубот „Охрид“, по повод Јубилејот 25 години од формирањето. Во 19:30 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ ќе се одржи Свечена академија по повод празникот 8-ми Декември, Денот на Свети Климент Охридски – Патрон на Охрид.
Во петок, на денот на празникот, во 10:00 часот е предвиден поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, во 11:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски во ООУ „Свети Климент Охридски“, а на пладне ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад. Програмата предвидува и врачување награди на најдобрите поетски творби на конкурсот по повод Патронот на Охрид. Оваа година, програмата ќе заврши со проекција на филмот „Охрид, Охрид убав мил“ на познатиот македонски и охридски режисер Илија Пиперскоски во големата сала на Општина Охрид со почеток во 19:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес