јули 13, 2019

Јавле/Охрид, 13. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Историско финале на Европско атлетско првенство за Охрид и Македонија.

Атлетичарот на АК „Охрид“, Јован Стојоски успеа да обезбеди финале на трката на 400 метри на Европското атлетско првенство за млади сениори што се одржува во Јавле, Шведска.

На полуфиналната трка патеката ја истрча за време од 47,02 секунди, се пласира на третата позиција и си обезбеди место меѓу најдобрите.

Постигнувањето на Стојоски е особено важно затоа што првпат во историјата на македонската атлетика имаме атлетичар кој успеал да се пласира во финале на Европско првенство под 23 години и што е уште позначајно за нас, тој е член на АК „Охрид“.

Амбициозниот атлетичар воедно е единствен македонски претставник кој обезбеди норма и учество на ова натпреварување. Финалната трка на 400 метри Стојоски ќе ја трча попладне во 18:32 часот.

Изминатиот период спринтерот Стојоски постигна повеќе лични, но и национални рекорди на Македонија. Годинава собори 12 лични рекорди, а македонскиот рекорд на 200 метри го соборуваше три пати, последно во Сараево на крајот на јуни со време 21,32 секунди. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Јован Стојоски

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука