јануари 30, 2017

Истанбул/Охрид/Скопје, 30. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – На Саемот ЕМИТТ што се одржува во Истанбул, Турција, деновиве беа претставени туристичките потенцијали на Охрид и Македонија.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ги промовираше природата, културата и отоманските споменици во Македонија, како и македонската традиција и туристички посети на градовите.

Делегацијата на Агенцијата оствари бројни средби со претставници на познати тур-оператори и компании кои дејствуваат во областа на туризмот како што се „Pegasus“, „Istanbul Yildiz“, „Sesa Travel“, „Tursab“…

Штандот на Македонија, како што информираат од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, го посетиле и турскиот министер за култура и туризам, Наби Авци и генералниот секретар на Светската туристичка организација, Талеб Рифаи кои искажале задоволство од учеството на Македонија на саемот и ги потенцирале нејзините природни убавини, споделувајќи ги личните импресии. Македонскиот штанд бил посетен и од македонскиот амбасадор во Турција, Живко Муцунски, конзулот на Македонија во Турција, Синиша Иванковиќ, како и економскиот промотор на Македонија, Филиз Вели.

На штандот на Република Македонија во Турција, ко-егзибитори се македонските тур-оператори Бадемтур, Генерал Турист, Фибула, Балкантиме и Вардар Експрес. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука