Охрид/Струга, 4. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Настаните случени на територијата на Струга и Охрид доминираат во денешното издание на Билтенот на МВР. Регистирано е агресивно однeсување кон полицајци, семејно насилство, пронајдени дрога и оружје…
На 4-ри декември 2024 година, во 00:05 часот на булевар „Македонски просветители“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид приведоа две лица од Охрид, на возраст од 24 и 20 години. Тие го нарушиле јавниот ред и мир и агресивно се однесувале кон полициски службеници кои преземале службени дејствија. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 3-ти декември 2024 година, во 09:25 часот во СВР Охрид е пријавено дека настанал пожар во патничко возило марка „Мерцедес“ со охридски регистарски ознаки, во сопственост на 59-годишно лице од охридското село Пештани, кое било паркирано пред плажа на брегот на Охридското Езеро. Повредени лица нема, а увид на местото, по наредба на јавен обвинител, извршија полициски екипи.
На 3-ти декември 2024 година, околу 12:00 часот, полициски службеници од ОВР Струга лишија од слобода 43-годишно лице од струшкото село Велешта и од него одземен е еден пиштол со дијаболи „Colts“. Тој се сомничи дека во струшката населба „Езерски лозја“ со остар предмет нападнал лице од струшкото село Франгово, а потоа со пиштол удрил друго лице од селото Велешта. По целосно расчистување и документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 3-ти декември 2024 година, во 18:50 часот во ОВР Струга е пријавено дека во куќа во Струга, лице од Република Албанија физички ја нападнало неговата 47-годишна партнерка од Струмица. По целосно документирање на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 3-ти декември 2024 година, во 10:30 часот на улица „ЈНА“ во Струга, полициски службеници од ОВР Струга приведоа 43-годишно лице од Струга. Во негова близина, полициските службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР Струга пронајдоа и одзедоа два медицински шприцеви и четири искористени ампули за кои тој потврдил дека во нив имало метадон и сам лично ги искористил. По целосно документирање на настанот, против него, ќе биде поднесена соодветна пријава.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 48-годишно лице од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. При претрес во неговиот дом, извршен на 26-ти ноември 2024 година, по судска наредба, полициските службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид, пронајдоа и одзедоа кокаин и пари. На него му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: ОхридПрес