Охрид, 5. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Настаните случени изминатите 24 часа на територијата на Охрид и Струга доминираат во полицискиот Билтен, регистрирани се физички напади, куче скитник касна малолетна девојка, пронајдена е дрога, сообраќајни незгоди…
На 5-ти јануари 2025 година, во 03:15 часот, во ноќен клуб лоциран на булеварот „Железничка“ во Охрид, приведено е 26-годишно лице од Дебар кое претходно предизвикало вербална расправија со 22-годишен стружанец, а потоа физички го нападнало по што, настанала меѓусебна тепачка. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 5-ти јануари 2025 година, во 04:25 часот, во деловен објект лоциран на булеварот „Железничка“ во Охрид, нарушен е јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу две лица од Струга на возраст од 24 и 19 години од една и, две лица од Охрид, двете на возраст од 19 години од Охрид, од друга страна. По целосно документирање на настанот, СВР Охрид, против нив ќе поднесе соодветна пријава.
На 5-ти јануари 2025 година, во 02:30 часот, во ноќен клуб лоциран на булеварот „Железничка“ во Охрид, приведено е 26-годишно лице од Поградец, Република Албанија, откако кај него, била пронајдена и одземена опаковка со бела прашкаста материја. Против него, ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 4-ти јануари 2025 година, во 16:45 часот, во СВР Охрид е пријавено дека во патнички автомобил марка „Пежо 407“, паркирано на улицата „Даме Груев“ во Охрид, сопственост на 55-годишно лице од Велес, избувнал пожар. Повредени лица нема а интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид.
На 4-ти јануари 2025 година, во 16.40 часот, 45-годишно лице од Скопје, во СВР Охрид пријавило дека, на улицата „Расадник“ во Охрид, неговата малолетна ќерка била касната од куче скитник.
На 4-ти јануари 2025 година, во 23:25 часот, на булеварот „Македонски Просветители“ во Охрид, лишено е од слобода 69-годишно лице од Струга кое претходно, управувајќи патнички автомобил марка „Цитроен“ со охридски регистарски ознаки, на пресекот со улицата „Партизанска“, удрил во сообраќаен знак и избегал. По преземени мерки, полициските службеници констатирале дека тој го управувал автомобилот под дејство на алкохол поради што, против него, ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик „безобзирно управување со моторно возило“.
На 4-ти јануари 2025 година, во 22.40 часот, на улицата „Димче Ковачески“ во Струга, приведен е 22-годишен стружанец кај кого, полициските службеници, пронајдоа и одзедоа опојна дрога марихуана. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 4-ти јануари 2025 година, во 21:40 часот, на паркинг простор пред казино во струшкото село Велешта, лишено е од слобода 37-годишно лице, а на разговор во ОВР Струга, повикано е уште едно лице на возраст од 39-години, двајцата од струшкото село Корошишта. При преглед во паркирано патничко возило марка „Фолксваген Лупо“ во кое, двајцата се наоѓале, полициските службеници од одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР Струга, пронајдоа и одзедоа две опаковки со бела прашкаста материја. По целосно документирање на настанот, против нив ќе поднесе соодветна пријава.
На 4-ти јануари 2025 година, во ОВР Струга е пријавено дека лице од струшкото село Велешта, на пресекот на улиците „ЈНА“ и „ Маркс Енгелсова“ во Струга, упатил вербални навреди, а потоа вршел неовластено снимање на полициски службеник кој преземал службени дејствија. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: ОхридПрес