Скопје/Охрид, 19. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Наскоро започнува „Триумф“, првото адреналинско шоу во Македонија.
Станува збор за нов проект кој е адреналинскиот натпревар помеѓу дел од македонските општини кои се дел од шоуто, а првата епизода премиерно ќе биде објавена на 26-ти јуни 2024 година на стриминг платформата Gley.
Домаќини на „Триумф“ се Димитар Атанасовски, Петар Младенов и Стефан Лазаров, кои директно учествуваат во предизвиците и се натпреваруваат со учесниците. На самиот почеток од шоуто, водителите меѓусебно се натпреваруваат, а победникот одбира која општина ќе биде негов тим. Секој водител им помага на учесниците во тимот да стигнат до крајната цел, односно да победат за да станат потенцијални финалисти.
Во првата сезона ќе се натпреваруваат вкупно 15 општини, односно Охрид, Куманово, Новаци, Прилеп, Кисела Вода, Крива Паланка, Илиден, Неготино, Гази Баба, Аеродром, Штип, Битола, Пехчево, Гевгелија и Петровец. Само една од општините ќе биде победник и ќе добие голема парична награда. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива