Охрид, 16. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во инспиративната Facebook група Охрид кој веќе го нема, администраторот Милчо Георгиевски ја сподели приказната за една вистинска охридска легенда, најголемиот охридски Дон Жуан без конкуренција, кого малкумина го паметат.
– Амди Љуман, попознат како Амди Фенер, една од легендите на Охрид, за кого многумина сме чуле, а веројатно има и луѓе кои го познавале и сѐ уште се сеќаваат на него. Пребарувајќи по интернет, наидов на една скенирана страница од загрепското списание „Арена“ од 1968 година со интересен запис за него која ја објавувам, колку да се зачува споменот на оваа урбана легенда на нашиот град, вели Георгиевски.
Во написот од „Арена“, авторот Ранко Чичак пишува за Амди како „љубовникот кој имал 4.320 жени и човекот кој спиел со целиот харем на султаните Мурат, Амид и Решад“.
– Пред 75 години (пред 1968 година) Амди од Охрид заминал за Истанбул. Барал работа како слаткар, но не можел да најде, па преку врски успеал да се вработи ву кујната на султанот Мурат, каде бргу напредувал и станал главен слаткар. Не требало многу да го засакаат сите во дворецот. Го нарекувале – оној малиот Охриѓанец со плави очи потсетува на фенер, од каде го добил и прекарот. Посебно убаво мислење за него имале и жените во харемот на султанот, чија наклоност Амди ја добил многу брзо. Времето минувало, а Амди се’ почесто бил главниот „фенер“ во харемот на султанот, каде дамите често се натпреварувале која побргу ќе биде со него и се договарале која е следна на ред, ја опишува сторијата за нашиот Амди авторот Чичак.
Кога султанот разбрал што се случува, го осудил на смрт, но Амди се спасил затоа што делегација од неговите жени му се заканила дека ќе изврши самоубиство ако му се случи нешто на нивниот Амди.
– Султанот попуштил, но за да може да се ослободи од опасниот соперник, му изградил личен харем со 200 лепотици. На Амди му паднала секирата во медот. Ги имал најубавите години во животот со своите 200 жени, а често навраќал и во харемот на султаните кои се сменувале, додека охридскиот Дон Жуан ги пречекувал и испраќал. Наскоро собрал и доволно големо богатство, па после 4.319 освоени жени, за што водел и детални прибелешки, одлучил дека е време да се врати во својот Охрид. Кога пристигнал, тоа било вистинска сензација во малиот град. Надалеку се зборувало за неговото богатство и искуство во љубовта. Сите девојки сакале да бидат со него, а тој сепак одбрал една скромна девојка од околината на Охрид. Првпат заплакал дента кога му починала сопругата. Живеел сам до длабока старост од над 100 години, но и понатаму жените му биле слабост, пишува авторот. (Крај)
извор: Охрид кој веќе го нема фото: Охрид кој веќе го нема