Охрид, 20. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Даниел Караѓуле сподели со читателите на OhridPress стари фотографии од прославата на Денот на рибарите кон крајот на 70-тите години.
– Фотографиите се од 1978 или 1979 година. Од лево се Стефан Караѓуле, Климе Нане, Владо Попески, Димо Филев, Косте Рилко, Митко Караѓуле и долу Андон Бучко и Ѓорги Дарка, вели Караѓуле.
Како што налага традицијата, денот по Богојавление Водици се одбележува како Ден на рибарите. На денешен ден на Сараиште, старите рибари ги оставале мрежите да се „пает“, раскажуваат повозрасните жители на Охрид, кои се сеќаваат на убавите времиња поминати со блиските и пријателите на денот по Богојавление, Ден на рибарите. Традицијата за да се одбележува овој ден е многу стара, во одреден период престанала да се практикува, но повторно се обновила.
Според кажувањата на старите жители на градот, рибарите се капеле на овој ден за да ја потенцираат нивната приврзаност кон езерото.
Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите традиционално се одржува во месноста „Сараиште“ и е надополнета со повеќе културни и забавни содржини. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Даниел Караѓуле