Охрид, 28. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во архивата на популарната Facebook група Охрид, слики од минатото, покрај другите вистински сеќавања на еден Охрид кој веќе го нема, споделена е и фотографијата во знак на спомен на две охридски легенди – Милан од Пештани и Дули Кокошка.
– Милан од Пештани е лево и Дули Кокошка, чистачот на чевли, на плоштадот кај Чинарот, каде што денес е влезот во пазарот. Немам податоци од кога е фотографијата, но најверојатно е некаде од седумдесеттите години од минатиот век. Убаво би било сите што имаме фотографии од легендарните личности на Охрид од минатото да ги објавиме на ова место и да ги оттргнеме од заборавот, бидејќи тие тоа го заслужуваат, стои во описот на фотографијата на администраторот Милчо Георгиевски.
Охриѓани се сеќаваат на бројни настани и безбројни анегдоти поврзани со Милан и Дули. Според еден од коментарите, оригиналната фотографија е сликана од мајсторот на фотографија Ѓоко Маркоски од фото „Весна“. Истата е вистински времеплов, особено ако се погледне околината, дуќаните, калдрмата, автомобилите кои сообраќале и по денешниот плоштад кај старата чаршија, начинот на облекување и слично. Дел од граѓаните во коментарите потсетуваат дека во непосредна близина била и постојката за автобусот за Струга и Дебар, а Дули најчесто застанувал до кафеаната „Стар Чинар“, каде своевремето била и трафиката на „Политика“, после која бил бозаџијата и бифето на „Палас“. (Крај)
извор: Охрид кој веќе го нема фото: Ѓоко Маркоски, фото „Весна“/Милчо Георгиевски/Охрид, слики од минатото