Охрид, 14. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид се создаваат добри приходи по основ на туризам, а како основа се земени туристичките ноќевања.
Она што е интересно и условно речено поразително за вкупната економија на Македонија, не само за економијата во Охрид, се загубите кои сме ги претрпеле по осамостојувањето по основ на приходи од туризам, а како фактори се наведуваат безбедносните и политичките кризи во земјава.
Ова се меѓудругото резултатите од „Анализата на економски импакт на туризмот“ во економијата на општина Охрид, што на барање на општина Охрид ја изработија професорите од ФТУ, д-р Александар Трајков, д-р Науме Мариноски и д-р Цветко Андреески.
Анализите покажале дека годишно се генерираат околу 150-160 милиони долари, во најдобрата година 2014-та биле 170 милиони долари, приход по основ на туризам, што се директни приходи остварени по основ на ноќевања. Радува фактот што учеството на странските во вкупните приходи континуорано расте, од 5-6% во 2001 па до над 40%, што е во секој случај добар индикатор, потенцира продеканот за настава на ФТУ, проф.д-р Александар Трајков.
– Она што е интересно и условно речено поразително за вкупната економија, не само за економијата во Охрид се загубите кои сме ги претрпеле по осамостојувањето по основ на приходи од туризам. Нашата проценка е дека во периодот од 2000 до 2017 година се генерирани 2 милијарди долари приход, но се загубени околу 3 милијарди долари приход по основ на туризам. Тоа е голема сума имајќи ги во предвид индиректните ефекти или обртот кој може да настане во националната економија. Тоа се приходи што би требало да влезат, требало да имаме 5 за тој период, а сме имале 2 милијарди. Во овој период имаме околу 11 милиони ноќевања загуба. Загубата е на основ на намален извоз на туристички услуги, туристите доаѓале во регионот на јужна и медитеранска Европа каде и припаѓаме, но не доашале кај нас. Постојат повеќе фактори кои влијаат, имавме безбедносни и политички кризи, сето тоа генерира загуби кои ги трпи целокупната национална економија. Добро е што последниве години имаме раст, создаваме дополнителни приходи по основ на туризам, но тоа не е стабилно, потенцира проф. д-р Трајков.
Според истражувањето приходите по основ на туризам што се генерираат во Охрид се околу 1,4% од БДП, во најдобрите времиња биле 1,7%. Оваа бројка за експертите е поразителна со оглед на потенцијалот што го има туризмот, како стопанска дејност со најголем коефициент на мултипликација.
Со оваа анализа направена е одржлива методологија која општината ќе може да ја користи не само за оние податоци што се обработени, туку и за идните кои ќе се добијат од разни извори. Се препорачува покрај за странските, субвенции да има и за домашните туристи и уште повеќе да се зголеми бројот на авио летови кои доаѓаат кон Охрид.
– За странските туристи имаме мерки како што се субвенциите кои ја покажаа можноста за развој на туризмот. Од нивно воведување во 2011 година до денес може да видиме дека е двојно зголем бројот на ноќевања, значи ефектите се евидентни. Слични мерки треба да се донесат и за домашните туристи. Ако ги видиме најразвиените туристички држави, таму поголем е бројот на домашните од странските туристи, на пример во Франција 70% од евидентираните туристи се домашни. Треба да се посветиме на домашните туристи, треба да се ревидира политиката на субвенционирање, треба да се зголеми бројот на авио летови кои доаѓаат кон Охрид. Има многу висока позитивна корелација меѓу бројот на пристигнати патници на нашиот аеродром и бројот на регистрирани туристи и тие се едни од најквалитетните, истакна деканот на ФТУ, проф. д-р Цветко Андреески.
Оваа експертска анализа е еден вид крвна слика на она што значи туризмот за националната економија. Сега останува креаторите на политики, општината и државата да предложат „терапија“ односно мерки со кои ќе се подобри сликата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес