Охрид, 20. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Покрај културата и традицијата на Македонија, како земја во која се наоѓа Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, возвратно сакаме да ги претставиме и културите на земјите од кои доаѓаат сите наши студенти, па затоа петта година по ред се организира овој настан – одбележување на Денот на културните разлики, велат од универзитетот.
Студенти од неколку земји од светот преку презентација на своите национални носии, танци и национални кујни, денеска, во Охрид по петти пат го одбележуваат Светскиот ден на културната разновидност.
Марио Толоманоски, кој е моментално трета година студии на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, е еден од главните организатори на овој настан.
– Минатата година бев како волонтер на настанот, а оваа година како организатор. Одлучивме да излеземе на плоштад. За публиката ќе бидат интересни танците, како од нашите фолклористи, така и од другите земји. Оваа година имаме еден танц од Шри Ланка, два танци од африканските држави, македонска фолк група и еден перформанс од Турција. Исто така на овој настан се приклучи и музичкиот состав на факултетот. Вечерва ќе има и концерт со бенд, рече Толоманоски.
Како што изјавија студентите од штандот за Македонија, се одлучиле културата од нашата земја да ја претстават преку храната. Нивните очекувања дека преку традиционалната храна ќе привлечат внимание од посетителите на Градскиот плоштад, се остварија. Не само граѓаните на Охрид, туку и туристите кои во тој момент се најдоа на плоштадот, сакаа да пробаат од сето она што беше претставено на штандот.
– Имаме традиционален македонски ајвар, рачно месен леб, ракија, потоа слатко од смокви. Минатата година слаткото од смокви беше најбарано за дегустација. Сé што е на нашиот штанд е од домашно производство, додаваат студентите.
Интересни за посетителите беа и штандот во кој беше обединета индиската и малезиската кујна.
– Од една страна имаме леб, кој се приготвува во Индија. Специјално за оваа прилика го направи моја колешка. Од другата страна се брошури за Малезија и колачи, карактеристични за малезиската кујна, се претставија студентите од странски земји, кои студираат на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“.
Студентка од Гана непосредно пред официјалниот почеток на настанот, одржа краток говор, во кој ги повика охриѓани, но и сите посетители на градот да ги посетат сите настани, кои во рамките на овој ден се организираат на плоштадот.
– Овој настан, кој е непрофитабилен, бесплатен и организиран од самите студенти, се одржува еднаш годишно, обично кон крајот на мај. Овој ден го одбележуваат студенти во повеќе земји во светот, каде што се споделуваат информации за различните култури. На плоштадот во Охрид ќе имаме настапи на музичари, бендови, одржување на говори, перформанси, ќе се видат традиционални облеки… Ви благодариме на сите што сте овде, сенадеваме дека по настанот ќе понесете убави спомени, а и ќе научите нешто повеќе за културите за земјите, кои не ги познавате доволно.
Одбележувањето на овој ден почна синоќа со проекција на филм во соработка со Филмската академија. Интеркултурноста е една од најзначајните карактеристики на Универзитетот каде студираат професори и студенти од повеќе земји во светот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес