Охрид, 31. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Како што му доликува на најголемиот туристички центар кај нас, Охрид е скоро комплетно исполнет со гости за дочекот на Новата година.
Уште од викендот започнаа да пристигнуваат гостите кои одлучија новата 2020-та да ја дочекаат на охридското крајбрежје. Најбројни се Србите и Бугарите, а не не одминуваат ни домашните посетители.
Убавото време деновиве направи гостите да уживаат во прошетките покрај езерото. За време на новогодишната ноќ ќе преовладува малку до умерено облачно време со слаб до умерен, а во втората половина од ноќта на места засилен северен ветер. Максималната температура во Охрид ќе достигне 5. степени, а слично време не очекува и во текот на наредните денови.
Вечерва за забавата на Градскиот плоштад на охриѓани и гостите за испраќање на старата и дочекот на новата година ќе се погрижат Ѓоко Танески, Камелеон и Ефто Пупиноски.
Хотелиерите од своја страна имаат подготвено сопствена шаренолика програма. Голем дел од естрадата е во Охрид за новогодишните празници, а угостителските работници нудат и сериозна музичка и гастрономска понуда. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес