Охрид, 31. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Како што му доликува на најголемиот туристички центар кај нас, Охрид е скоро комплетно исполнет со гости за дочекот на Новата година.
Уште од почетокот на викендот кој е зад нас започнаа да пристигнуваат гостите кои одлучија новата 2025-та да ја дочекаат на охридското крајбрежје. Во градот се бара кревет, но и паркинг повеќе, а најбројни, традиционално се гостите од Србија, Албанија и Бугарија, кои заедно со домашните посетители направија градот да наликува како во шпицот на летната сезона.
Убавото време деновиве направи гостите да уживаат во прошетките покрај езерото. За време на новогодишната ноќ ќе преовладува умерено облачно време со слаб до умерен, а во втората половина од ноќта на места засилен северен ветер.
Вечерва за забавата на Градскиот плоштад на охриѓани и гостите за испраќање на старата и дочекот на новата година ќе се погрижат Каролина Гочева и Наум Петрески, Пајак и Take 5.
Хотелиерите од своја страна имаат подготвено сопствена шаренолика програма. Голем дел од естрадата е во Охрид за новогодишните празници, а угостителските работници нудат и сопствена музичка и гастрономска понуда. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес