Охрид, 11. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден во 1987 година во Охрид почина Живко Чинго, истакнат македонски прозаист и драмски писател.
Творештвото на Чинго е високо вреднувано од македонската и тогашната југословенската критика, а неговите дела се преведувани на: српскохрватски, словенечки, албански, руски, полски, француски, унгарски и германски јазик. Неговите збирки раскази „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“, романите „Сребрените снегови“, „Големата вода“, драмите „Образов“, „Ѕидот, водата“ и други, му овозможиле едно од врвните места во современата македонска проза и драмска литература.
Живко Чинго во 1959 година дипломирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата за југословенска литература. Извесно време работел како професор по книжевност во гимназијата во Охрид, а во Скопје работел во: „Студентски збор“, во „Млад борец“, во Радиотелевизија Скопје, во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во Центарот за политички студии, а бил и долгогодишен директор на Драмата при Македонскиот народен театар. При крајот на животот работел како советник при Републичкиот комитет за култура. Во 1963 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија, а бил и член на МАНУ.
Уште во своите први раскази, објавени во списанието „Разгледи“ во 1957 година, тој го свртел кон себеси вниманието на книжевната јавност, а со појавата на првата збирка раскази „Пасквелија“ (1961) било јасно дека се работи за голем мајстор на расказот. Оваа збирка била дочекана како книжевно откровение. Во 1965 година ја објавил и втората книга раскази „Нова Пасквелија“, што го повторила големиот успех на првата книга. Во 1966 година, Чинго го објавил романот за деца „Сребрени снегови“, а во 1971 година и својот втор роман „Големата вода“ (по која е снимен и истоимениот филм).
Роден е во селото Велгошти, на 13-ти август 1936 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива