Охрид, 19. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Туристички Охрид е украсен и со одлични најави за исполнетост на капацитетите за Нова година.
Од локалната самоуправа за Супер радио и OhridPress откриваат дека наскоро ќе се објави и празничната програма со забавните содржини околу Нова година. На Градскиот плоштад ќе има организиран дочек на Новата година. Забави ќе има пред и по дочекот на најлудата ноќ, како за возрасните, така и за најмладата популација.
Очекувањата се дека и годинава најголемиот туристички центар во Република Македонија ќе привлече бројни посетители, како од земјава така и од странство.Турските и српските гости и понатаму остануваат најбројните во Република Македонија и секако убавиот Охрид. Бројките покажуваат дека најголем дел од туристите во октомври годинава биле од Турција, од каде што дошле 23.838 посетители, а истиот месец не посетиле 6.582 српски државјани.
Охрид е веќе прекрасно украсен и е подготвен да ги пречека сите гости од целиот свет. Покрај на Градскиот плоштад, посебна забавна програма подготвуваат и угостителите, што уште повеќе ќе придонесе за да биде исполнет градот за време на новогодишните, но и сите останати празници пред и после Нова година. Секоја година се бележи солидна исполнетост и за празникот Божиќ, Стара Нова година, како и за големиот христијански празник Богојавление Водици и Денот на рибарите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес