октомври 3, 2019

Охрид, 3. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во врска со информацијата објавена во медиумите дека македонска државна делегација во Центарот за светско наследство на УНЕСКО во Париз поднела извештај за напредокот, Охрид ЅОЅ испрати барање извештајот веднаш да ѝ стане достапен на јавноста.

– Загрозувањето на состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион како УНЕСКО подрачје е исклучително сериозен проблем кој ги засега сите во Македонија, а граѓаните имаат уставно право да бидат точно и навремено информирани. Најпосле, со Законот за Охридскиот Регион, владата е обврзана извештаите веднаш да ѝ ги предочи на јавноста. Ја повикуваме на почитување на законите, порачуваат од Охрид ЅОЅ.

Поднесокот до македонската Влада и Министерството за култура

Почитувани,

Деновиве македонска делегација престојува во седиштето на УНЕСКО во Париз. Од информациите во медиумите дознаваме дека македонската влада доставила извештај за напредокот во спроведувањето на препораките од 43 Седница на Комитетот за светско наследство.

Прашањето за Охридскиот Регион како УНЕСКО подрачје и заканите по неговата ИУВ кои го доведуваат во прашање интегритетот на природното и културното наследство на регионот е проблем кој ги засега сите во земјата. Во интерес на точно и навремено информирање на јавноста за ова исклучително важно прашање, бараме извештајот да ѝ стане достапен на јавноста, односно да се објави во неговата интегрална верзија на веб-страницата на Министерството за култура онака како што бил доставен до Центарот за светско наследство во најкраток можен рок односно не подоцна од 04 октомври, 2019. Документот со превод на македонски и албански јазик да биде објавен најдоцна до 11 октомври, 2019. Исто така, заедно со извештајот, бараме да се објави и презентацијата која делегацијата ја претстави во текот на посетата на Центарот за светско наследство.

Станува редовна практика извештаите на нашата влада да ги добиваме од веб-страницата на УНЕСКО, што не е одраз на транспарентно работење и создава информативен јаз во комуникацијата помеѓу граѓанското општество и институциите задолжени за воспоставување, одржување, заштита и следење на состојбата на светското наследство.

Затоа, ве упатуваме – оваа постапка да биде испочитувана и во секој следен случај, сите релевантни документи и одлуки кои се однесуваат на Охридскиот УНЕСКО Регион да бидат веднаш јавно достапни. Впрочем, тоа е и законска обврска на оној кој управува со доброто во согласност со чл. 32 од актуелниот Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. Извештаите поврзани со состојбата на доброто се јавни документи.

Во согласност, пак, со Архуската конвенција, која Македонија ја има ратификувано уште во 1999 година според чл. 5 став 3 алинеја 1:

„Секоја земја потписничка на Конвенцијата има обврска јавно да ги објави и да овозможи достапност во електронска форма на сите извештаи за состојбата со животната средина/природата на добрата“.

Јавноста има уставно право на тековни и суштински информации. Нашето единствено светско наследство не смее да остане во рацете на структури кои го загрозуваат неговиот опстанок. (Крај)

извор: Охрид ЅОЅ фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука