Охрид, 27. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – „По запирање на изградбата на незаконскиот хотел во Лагадин, извојувана е уште една граѓанска битка: урбаниот блок 17.1 Студенчишко Блато останува строго заштитена зона додека не се изработи студија за валоризација, соопштуваат од граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“, кои заедно со Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. со свои претставници учествуваше на стручната расправа за измените на Генералниот урбанистички план за Охрид 2014-2024 г.
Расправата ја одржаа Секторот за урбанизам на Општина Охрид и фирмата-изработувач на ревидираниот ГУП за Охрид – „Полог Проект“ од Гостивар. Измените во ГУП на Охрид се предвидуваат за вкупно 9 блока. Граѓаните имаат рок од 10 дена да ги достават своите коментари за предложените измени до Општина Охрид.
– Со огромно задоволство ја известуваме јавноста дека двегодишната битка на „Охрид ЅОЅ“ конечно вроди со плод. Студенчишко Блато останува строго заштитена зона сè додека не се изработи студија за негова валоризација. И тука почнува нашата нова битка. Имено, причината за ревидирање на извонредната студија која веќе постои е заклучокот на влада од сто шеесет и шестата седница одржана на 12 ноември 2013 г. Во тој документ владата ѝ препорачува на Општина Охрид да поднесе ревидирана студија во која 4 до 5 хектари земја кои се предложени во самата студија за заштита на природното наследство ќе бидат третирани како заштитено подрачје во иднина, а Министерството за животна средина и просторно планирање во најкраток можен рок соодветно да постапи. Прашуваме, кои се тие експерти во владата кои утврдиле дека блато има десетпати помалку од неговата реална површина? Според податоците до кои со постојано излегување на терен во опсежен временски период дошле научниците кои ја изработиле Интегрираната студија за Студенчишко Блато, се предлага површината на блатото да изнесува 63,97 ха со соодветни зонирања на активно управување, одржливо користење и строга заштита, додаваат од „Охрид ЅОЅ“.
Потсетуваат дека во Стратегиската оцена на влијанието врз животната средина изработена за ГУП на Охрид 2014-2024 се вели: „Голем негативен ефект ќе предизвика изградбата на објекти за домување со посебен режим во блок УЗ 17- УБ 17.1. Оваа површина е планирана како строго заштитена зона СЗЗ – Студенчишта и со самата пренамена на овој простор како зона нанамена А0-домување со посебен режим, како и задржување на дел од заштитеното подрачје на Блатото, најверојатно ќе има големи негативни ефекти за заштитената зона“.
Според истражувањето на Здружението Е.Д.Е.Н. кое беше спроведено на близу 250 граѓани, 100% од испитаниците одговориле дека Студенчишко Блато треба да се заштити. Тоа беше единствениот едногласен одговор на граѓаните кои ја пополнија анкетата.
– Блатото – единствениот и последен филтер на Езерото, не само што треба да се заштити, туку и задолжително е да се ревитализира. Само за потсетување, GIZ во ноември 2012 г. додели 100.000 евра на Општина Охрид за ревитализација на Блатото. Средствата беа вратени назад на донаторот поради неажурност на Општината и Блатото остана да чека некои подобри времиња, објаснуваат од „Охрид ЅОЅ“, кои иницираа постапка директно во седиштето на RAMSAR за прогласување на Блатото и поширокото подрачје за RAMSAR локација. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива