Охрид, 12. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Општина Охрид да се повлече од измените на Генералниот урбанистички план со кои природната реткост Студенчишко Блато се претвора во градежно земјиште на кое ќе се градат станбени објекти, бараат екологистите од Здружението за заштита на животните и животната средина „Еден“, „Фронт 21/42“ и од Еколошко друштво „Лагадин“, пишува Плусинфо.
– Со последните измени на Генералниот урбанистички план над Студенчишко Блато треба да никне елитна населба во која ќе биде дозволено да се градат куќи од четири ката. Значи Блатото кое сега има своја флора и фауна и е едно од последните блатни екосистеми во Македонија ќе се пресушува за да се градат објекти. Тоа е недозволиво според Стратегијата за биолошка разновидност со акциски план усвоена од Собранието, сите национални блата се сметаат за значајни локалитети. Документот треба да биде водич според кој ќе се усогласуваат сите натамошни активности за заштита, управување и ревитализација на блатните станишта, вели Александра Бујаровска од „Фронт 21/42“.
Екологистите се повикуваат на и Стратегиската оцена на влијанието на животната средина за измените и дополнувањата на Генералниот урбанистички план подготвена од Геодетскиот институт.
– Во оценката јасно се потенцира дека со намалувањето или преземањето на површината на Блатото ќе се промени квантитетот и квалитетот на подземните површински води, како и неговата основна функција (природен прочистувач на Охридското Езеро), што воедно е најсериозна закана по биолошката разновидност и на Елатото и на Езерото. Во оценката, исто така, се посочува дека Општина Охрид при јавната расправа не го почитувала ниту Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и не побарала мислење од УНЕСКО. Дополнително не се понудени ниту компензациски мерки. Оттука произлегува и нашето барање Општината да се повлече од измените на Генералниот урбанистички план, вели Бујаровска.
Во повеќе од 80 отсто од заклучоците на студијата, вели Бујаровска, се вели дека секаква активност за измена на моменталниот Генерален урбанистички план на Охрид ќе се одрази крајно негативно на езерото и живиот свет во него.
– Студенчишкото Блато, како и секоја блатна заедница од тој тип, не смее да се разгледува како издвоено од езерото, бидејќи тоа е всушност негов интегрален дел и постои како такво поради постојаната комуникација со него. Секое негово нарушување подразбира и нарушување на биодиверзитетот и закана за олиготрофниот статус на езерото, се констатира во оценката.
Екологистите обвинуваат дека Општина Охрид во изминатиот период веќе неколку пати го нарушила еколошкиот амбиент на Охридското Езеро со измени на Генералниот урбанистички план.
– Се прават исечкани измени на Генералниот урбанистички план само да не се направи глобална анализа како проектите кои се планираат ќе влијаат на Охридското Езеро. Вакви се измените со кои се предвидува изградба на брзиот пат кој ќе минува низ населбата Рача и националниот парк Галичица, потоа се планира изградба на ски центар иако на Галичица никогаш не паѓа доволно снег за скијање и ќе ги спомнам уште и измените на планот, според кои, дел од брегот на Охридското Езеро се претвора во туристичка зона каде што ќе се градат туристички објекти кои видно ќе ја нарушат природната средина на езерото, а ќе влијаат и на животната средина на животните и ретката фауна, подвлекува Бујаровска.
Македонија, подвлекува таа, веќе доби едно официјално предупредување од седиштето на УНЕСКО и езерото и неговата околина кои ја уживаат оваа заштита не смее да бидат предмет на произволни промени каде што приоритет е финансискиот интерес на неколкумина моќници.
– Албанија ги руши постојните објекти долж брегот на езерото за да добие заштита од УНЕСКО од својата страна во истиот момент додека Македонија е на пат да го уништи богатството што го има, а со тоа и да ја изгуби заштитата од УНЕСКО, заклучува Бујаровска.
Доколку Општината не ги почитува нивното барање и препораките од Стратегиската еко-оценка екологистите се закануваат дека ќе го известат УНЕСКО и ќе поведат тужба против Општина Охрид. (Крај)
извор: +инфо фото: РадиоМОФ