февруари 23, 2018

Охрид, 23. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Владата со ентузијастичка најава дека опасноста за охридскиот регион е отстранета и со задоцнување од 15 дена го поднесе извештајот до УНЕСКО, но македонската јавност се` уште нема увид во овој јавен документ, а не беше навремено информирана ни за основањето на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион, реагираат од невладината организација Охрид SOS.

– Потребата од ваков извештај се должеше на сè поголемата опасност предложените урбанистички проекти да придонесат за неповратно уништување на извонредните универзални вредности на регионот, кога Охрид и Охридското Езеро за првпат се соочија со можноста да бидат ставени на листата на светско наследство во опасност, се вели во дописот од активистите на Охрид SOS.

Во нормални услови, со ваквата изјава на Владата би требало да сме повеќе од задоволни, но не сме, а за тоа има повеќе причини, најпрвин, јавноста сè уште не го видела овој јавен документ во кој треба да се образложи конкретно кои мерки што го гарантираат статусот на УНЕСКО се преземени.

– И покрај ваквата изјава, шестата препорака со рок до 1-ви февруари 2018 година од извештајот на Реактивната мисија за прогласување мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, јасно е дека не е применето иако се смета за критично важен чекор кој треба да се преземе. Според најновиот извештај (World Heritage Outlook for Lake Ohrid) од ноември 2017 година на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) – неконтролираната и нелегалната урбанизација на крајбрежјето е една од најсериозните закани за Охридското езеро, наведуваат од организацијата.

Додаваат дека заканите кои во моментов сериозно го деградираат единственото македонско светско културно и природно наследство (состојбата на колекторскиот систем, огромниот внес на фосфор од реката Сатеска во езерото, прекумерниот риболов и загубата на блатните екосистеми) се резултат на долгогодишни пропусти на системот и негрижа за богатството на регионот и не можат да се решат преку ноќ.

Комитетот за светско наследство врз основа на активностите преземени на терен, а не Владата, има ингеренции да одлучува за статусот на доброто, односно дали тоа ќе биде или нема да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО.

Трајното зачувување на Светското природно и културно наследство на охридскиот регион е сложен процес. Тој не се состои само од откажување од планирани патишта, ресорти и други мегапроекти. Тоа е долготраен процес кој ќе биде единствено возможен во средина на транспарентност, отвореност, искреност и отчетност кои мора да се изградат на сите нивоа на владеењето.

Апелираме извештајот веднаш да биде јавно објавен на македонски јазик, а Владата во иднина да не си дозволува пропусти од овој тип. Оваа Влада ветуваше поинаков пристап, односно пристап кој му прилега на едно современо демократско општество, се вели во соопштението на активистите на граѓанската иницијатива Охрид SOS. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука