Охрид, 11. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Спроведената инспекциска контрола на локација посочена од граѓани кај Извидничкиот центар во населбата Далјан покажа дека се работи за дивоградба односно дека се спроведуваат градежни активности без дозвола за градење.
Според записникот од извршениот надзор утврдено е дека на локацијата на десетина метри од езерото се поставени пет шаловани и армирани бетонски плочи од по 47,5 метри квадратни, за кои не се издадени решеија за градба.
Согласно констатираната фактичка состојба односно градење без дозвола, ќе биде донесено решение за отстранување на петте плочи во тек на градба според член 134, став 1, алинеја 4 од Законот за градење.
За градежните активности на односната локација посочија и активистите на Граѓанската инцијатива Охрид SOS од каде изразуваат уверување дека ќе биде постапено согласно заклучоците изнесени во записникот и она што е изградено ќе биде отстрането, а локацијата вратена во претходна состојба.
Бесправното градење и неконтролираната урбанизација на крајбрежјето на Охридското Езеро е еден од најгорливите проблеми со кои се соочува регионот и е меѓу главните забелешки посочени во двата извештаи на Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО. (Крај)
извор: Охрид SOS фото: Охрид SOS