Охрид, 9. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Некогашната гордост на градот, познатата Градска плажа, денеска е заборавена, загадена, полна отпад, градежен шут, потенцираат од граѓанската иницијатива Охрид SOS.
– Да, тоа се траги на поединци и групи, несовесни, на кои природата не им значи ништо. Но, се чини како да недостига иницијатива, и од институции и од граѓаните, да се уреди овој простор. Некогашните младински одморалишта, денеска се приватизирани, затворени, а некој патник намерник, кој ќе се спушти по патеката која од калето слегува до овој дел, ќе се запрепасти од глетката. Контејнери на плажа, загадена езерска притока, ѓубре на брегот и во водата. Ако од другата страна на калето се наоѓаат најфотогеничните локации, редовно се чисти, има паркови, зелени површини, хортикултурно уредени, од другава страна се наоѓа спротивното. Дали Општина Охрид има двојни аршини, за едни е мајка а за други маќеа? Ова се фотографии споделени од локалното население, на кое овој предел им значи. Зошто овој потег стои заборавен, запуштен? Од ЈП „Охридски комуналец“ одговорија дека ги чистат локациите кои се јавен простор, што значи ако некоја парцела е приватен имот, тука не би поминале нивните екипи. Контејнерите биле од угостителските објекти од Канео и Потпеш. Нивното ѓубре се депонира тука, реагираат од Охрид SOS.
Додаваат дека за нивниот предлог за уредување на овој простор имаат согласност, но сето тоа требало да помине низ бирократските лавиринти во советот на општината. Испраќаат и повик до сите советници да свикаат итна седница каде на дневен ред ќе биде овој простор.
– Минатата градска управа имаше предлог-проекти овде да се градат огромни објекти, на кои се спротивстави и локалното население. Овој простор припаѓа на општината, на Охридскиот Регион, овие луѓе се наши сограѓани и треба институциите да делуваат на територијата на целата општина. Охридскиот регион не се само оние работи со кои се гордееме, кои се наоѓаат на секој промотивен материјал, фотографии, видеа. И ова е дел од тој регион. Неговата моментална состојба е само огледало на ова општество, на нашата индиферентност, немањето почит кон животната средина. Ова се само напластени проблеми, кои не сакаме да ги видиме. Оние за кои жителите на оваа општина гласаат имаат и обврски кон нив, но и кон природното и културно наследство. Неодамна, иницијативата беше домаќин на еден странски новинар и публицист, кој детално ги евидентира и овие локации, па неговите впечатоци ќе се најдат во едно пообемно издание. Иако македонската делегација во Баку сакаше да ги претстави само убавите работи, свесни се дека ова постои, но некако немаат храброст да се справат со проблемот. Имаат краток период да направат вистински чекори. И да ги испочитуваат сите жители на општина Охрид. Не само оние во центарот, не само концесионерите, не само угостителите, не само потегот од Студенчишта до Свети Наум, туку и оној од Воска до Подмолје, додаваат од граѓанската иницијатива Охрид SOS. (Крај)
извор: ОхридПрес/Охрид SOS фото: Охрид SOS