Охрид, 7. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Среде туристичка сезона, продолжува акцијата „Смрт за дрвото – исечи ја својата иднина“, пишуваат од Охрид СОС по вчерашното сечење на неколку децении стариот голем бор во култниот ресторан „Летница”.
Неофицијално, според медиумите, дрвото било пресечено поради тоа што „било труло и претставувало опасност за граѓаните“. Но, тоа воопшто не е точно. Уште кога се открши гранка, минатиот месец, повеќе граѓани искоментираа дека набргу ќе се исече и дрвото. Тоа и се случи, децидни се од Охрид SOS.
– Наместо да се контролираат крошните, ако некоја гранка претставува потенцијална опасност, се остава да се случат вакви инциденти, па експресно, решението да се најде во сечење на дрвото. Изминативе години се исечени стотици дрвја, на повеќе локации во градот. Најчест изговор е дека се трули, иако во скоро сите случаи тоа не беше вистина, наведуваат од Охрид SOS.
Според нив, со сечењето на борот, исечен е и дел од историјата на градот, легендарната ладовина, центар на некогашните збиднувања во чаршијата. (Крај)
извор: Охрид SOS фото: ОхридПрес