Охрид, 31. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – ИУЦН (IUCN), експертското советодавно тело на УНЕСКО (UNESCO) за природа, односно неговиот директор Питер Шејди излезе со резиме на 43. седница на Комитетот за светско наследство која заврши на 10 јули во Баку, Азербејџан, информираат од граѓанската иницијатива Охрид SOS.
Реакцијата ја пренесуваме во целост:
Некои од заклучоците на ИУЦН се загрижувачки:
1. Отфрлање на техничките препораки (на стручните тела) станува норма
Забележително е сè поголемото непочитување на стручните совети на експертските тела на УНЕСКО од страна на Комитетот за светско наследство. Имено минатата година, за прв пат после 46 години се случило два локалитети за кои ИКОМОС (советодавното тело за култура) дало негативно мислење, сепак да бидат впишани на листата светско наследство. Оваа година, повторно. ИУЦН забележува дека Комитетот ги менува најголемиот дел од препораките на советодавните тела, и тоа годинава во 83,7% од случаите. За новите номинации, тие се менуваат во насока да бидат поповолни, а за постоечките добра да бидат помеки во однос на обврските за заштита кои државите ги преземаат. Доколку остане занемарена, ваквата евидентна политизација на процесот на одлучување на Комитетот може да води до сериозни проблеми со кредибилитетот и да ја подрие Конвенцијата за светско наследство.
2. Листата на светско наследство во опасност како дестимулација
Листата на светското наследство во опасност е замислена да биде конструктивен механизам за давање итна помош на најзагрозените подрачја. Сепак, се чини дека многу членови на Комитетот гледаат на оваа листа како обесхрабрувачка за државите членки. Од трите препораки на ИУЦН за ставање на листата светско наследство во опасност, единствено беше прифатена предлог одлуката за Калифорнискиот залив во Мексико, што пак беше одбиена минатата година и покрај драматичната состојба на вакито кој вид е сега веќе на работ на истребување (бројот е сведен на само 10 единки од 30 во 2017 година). Од друга страна, Комитетот не ги зеде предвид препораките да ги впише шумата Сундарбардс во Бангладеш и Охридското Езеро на листата загрозени подрачја и покрај утврдената критична состојба со нивната заштита. Токму заклучоците на ИУЦН, ИКОМОС и Центарот за светско наследство на УНЕСКО за Охридскиот регион беа меѓу овие несреќни 83,7% од предлог одлуките кои Комитетот нестручно и политички-индуцирано реши да ги измени. И тоа не треба да нè прави посреќни, бидејќи ете штетата не е само врз природното и културното наследство на Охридскиот регион. Напротив, треба да нè загрижи уште повеќе.
Имено, со оглед на тоа што подрачјата прогласени за светско наследство на УНЕСКО уживаат светско реноме и признание, овие подрачја би требало да служат како модел за заштита и тоа треба да го покажат во пресрет на глобалните предизвици. Ваквите одлуки на Комитетот кои несоодветствуваат со експертските извештаи за УНЕСКО подрачјата само придонесуваат за нивна натамошна деградација.
Паралелата помеѓу стручњаците на ИУЦН и здравствените работници кои работат со терминално болни пациенти – без оглед на вложениот труд , резултатот е ист, а тоа е смрт – укажува на загрижувачката беспомошност која стручната фела ја доживува кога нивните експертски проценки и укажувања се занемаруваат. Со тоа, доколку нештата не се променат, неприкосновените природни и културни богатства на планетата се осудени на пропаст, повлекувајќи ги сите последици кои сигурно не би сакале да ги посведочиме.
ИУЦН заклучува дека Конвенцијата за светско наследство останува еден од најефикасните инструменти за зачувување на природата, а ние само можеме да се стремиме да ја одржиме и реставрираме нејзината репутација. Во таа насока, Комитетот за светско наследство мора да се врати на вистинскиот курс – да го зачува кредибилитетот на УНЕСКО листата на светско наследство и обезбеди ефективна заштита на добрата. (Крај)
извор: Охрид SOS фото: ОхридПрес