март 10, 2018

Охрид, 10. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Пред три дена од ЈП „Охридски комуналец“ собраа 30 кубици ѓубре кое Охридско Езеро го исфрли. Во него имаше сè и сешто или поконкретно сè она што нам не ни треба, а природата треба да го проголта. Го проголта и го поврати, реагираат од граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ на нивниот официјален профил на Facebook.

– Овој пат беа 30 кубици, па паднаа во очи, бидејќи испаднаа повеќе од она ѓубриште на кои сме се навикнале. Бидејќи од Љубаништа па горе на Галичица, преку Сатеска и сè до Дримот и потака, ѓубрето нè следи. Каде ние, таму тоа. Како еден од „виновниците“ за ова последно „ѓубрење“ на крајбрежјето се посочи реката Сатеска. Ова беше ѓубре што сите можевме да го видиме: пластика во разни форми, облека, што ли не. Секако проблемот со фрлањето отпад е нешто од кои сите се срамиме, повремено апелираме, а постојано го има. И мора да се реши. Меѓутоа, тоа е само дел од уделот на Сатеска кон деградацијата на езерото. Сатеска е рак рана на Охридското Езеро која рие со години, уште од 1961 кога нејзиниот тек е пренасочен од природно корито со вливање во Црн Дрим кон Охридското Езеро. Тоа е направено од неколку причини и тоа да се оневозможи внесување талог во акумулацијата Глобочица, пресуши Струшко блато и наголеми потенцијалот на Охридско Езеро за производство на електрична енергија. Затоа талогот (ситен нанос) со децении оди во езерото. Според анализите на Хидробиолошкиот завод, зависно од сезоната Сатеска внесува дури и до 129 тони суспендиран материјал во езерото дневно (податокот кој се користи е од 1969/70). Талогот во овие 55-56 години извршил деструкција на живеалиштата од северниот дел на Охридското Езеро при што се доведува во прашање опстанокот на некои ендемични видови кои живееле или сè уште живеат тука. Наносот се таложи во 4-5 км од брегот во правец на длабочините (или кон југ), а после влевањето се шири и по 1-1,5 км лево и десно од устието. Уште полошо е што Сатеска внесува вода во езерото од многу полоша категорија, а како „замена“ за неа од Дрим истекува вода со далеку подобар квалитет од внесената, реагираат од Охрид SOS.

Додаваат дека на патот до езерото, Сатеска поминува низ урбано и земјоделско подрачје од каде се полни со отпадна вода од домаќинствата, седименти и загадувачи (претежно пестициди и фосфор).

– Дури 39% од вкупниот фосфор кој потекнува од притоките на Езерото се внесува преку Сатеска која продонесува со скоро третина, односно 29% од вкупниот азот во Охридско Езеро. Според Извештајот за напредокот кој Влада на Република Македонија во февруари го достави до Комитеот за светско наследство на УНЕСКО, Сатеска „има повеќекратно потврдено негативно влијание врз квалитетот на водата на Охридското Езеро, како и на животинските и растителните заедници кои го населуваат литоралнот дел на езерото.“ Наодите на фитопланктони во близината на речните притоки – загадувачи укажуваат на промена на видовите односно промена кон доминација на неендемски видови. Овие сознанија укажуваат на тоа дека наголемувањето на концентрацијата на хранливи материи во езерото (што доаѓа со загадувањето) ги фаворизира неендемските видови алги и како резултат може да води до истребување на некои ендемски видови. Потребата од пренасочување на Сатеска е многупати нагласено од експертите – истражувачи на Езерото и кон тоа се посочува во многу трудови. Охрид ЅОЅ веќе во неколу предлози и документи до државните и локалните институции има побарано враќање на реката Сатеска на нејзиниот природен тек. Со оглед дека и Проф. д-р Јован Стојаноски – Градоначалник на општина Охрид во своето обраќање по повод 100 дена на чело на локалната самоуправа за 2018 најави пренасочување на река Сатеска во старото корито како решение за голем дел од еко проблемите, очекуваме овој клучен извор на загадување на Езерото да биде што побрзо отстранет. Сепак, зачудува тоа што Владата иако проблемот со реката Сатеска го адресира во Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката од 41 сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, сепак не искажува намера и да го реши. Следствено, истиот го нема ни во Акцискиот план за постапување по Одлуката. Затоа, повторно апелираме враќањето на Сатеска во нејзиното природно корито да се стави како приоритетен проблем за решавање на регионално ниво и веднаш да се преземат мерки, потенцираат од Охрид SOS. (Крај)

извор: Охрид SOS фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука