Охрид, 16. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Добредојдовте во општина депонија. Ова е сликата на самиот влез во градот. Некогашното армиско стрелиште веќе подолг период претворено во депонија, која само расте и се шири, раегираат од Граѓанската иницијатива Охрид SOS.
– Неодамна, наш сограѓанин ни ги сподели овие фотографии, реагирајќи на огромната количина азбестен отпад која стои на отворено. Дополнително, наталожени купишта употребени автомобилски гуми, градежен шут, делови од мебел, секаков вид пластика. Во написот „Импровизации на сметка на здравјето со азбестните покриви“ објавен на интернет страницата на Radio Slobodna Evropa na Makedonski, се вели дека „азбестот е сместен на листата на опасен отпад, а во Македонија употребата на овој материјал е целосно забранета пред повеќе од една деценија. Западните држави забраната ја воведоа порано, некаде во 90-тите години на минатиот век“. Според професорот Јордан Минов, од Институтот за пулмологија кој со години ги проучува болестите предизвикани од вдишувањето азбест, тој „убива“ при долготрајна изложеност на опасниот материјал и негово вдишување. Иако во Македонија употребата на овој материјал е целосно забранета пред повеќе од една деценија, на Клиниката за пулмологија сè уште доаѓаат пациенти со болести од вдишувањето азбестни влакна. Ова се случува бидејќи од изложувањето на азбестот до појавата на првите симптоми на болестите предизвикани од него обично треба да минат по 10, 20 па и повеќе години.
Кога азбестот е врзан со цемент, како во салонитките тој е мошне стабилен и безбеден. Исто така е и огноотпорен. Но проблемот настанува ако материјалите се дотрајани, се кршат или ронат. Тогаш може да се разлетаат азбестните влакна, како во пожарот во дворот на некогашната фабрика „Треска“ во Скопје. Македонските закони го ставија предзнакот „опасно“ кога се работи за азбестните материјали, но протоколите остануваат главно на хартија. Покрај посебната заштитна опрема за работници, предвидено е отпадот од азбест да се собира и отстранува колку што е можно поскоро во непропустливи затворени вреќи, а транспортот задолжително да се прави во специјални затворени возила. Целта на ова е во најголема можна мерка да се спречи емисија на азбестните влакна во животната средина. Во Македонија, единствено во скопската депонија „Дрисла“ има специјални јами каде може да се депонира овој опасен отпад. Таму азбестот нареден на дрвени палети и обвиткан со „стреч“ фолија се депонира во ровови обложени со геотекстил и геомембрана. По обложувањето на рововите палетите со азбесните плочи се ставаат во ровот и се покриваат со земја, по што врз нив пак се става геомембрана, стои во објавата.
Од Охрид SOS додаваат дека во Охрид нема ништо од тоа. Отпадот стои на отворено, азбестните плочи се кршат и ронат и сето тоа останува во воздухот.
– Ниедна институција, колку што ни е познато не следи што се случува на оваа депонија, какви емисии има и колкаво е потенцијалното загадување на почвата, воздухот, подземните води исл. Нема ригорозни мерки со високи казни за лицата и фирмите кои на своја рака ќе го транспортираат и остават ваквиот тип отпад на несоодветни локации, диви депонии, како што е случајот со Охрид. Инспекциите се во длабок сон, реагираат од Граѓанската иницијатива Охрид SOS. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Охрид SOS