октомври 14, 2019

Охрид, 14. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од граѓанската иницијатива Охрид SOS преку допис до медиуми информираат за „вечниот конфликт на општина Охрид со дрвјата“.

Соопштението го пренесуваме во целост:

Вчера се масакрираше десетлетната шума во Горица. Според Решението кое Инекс Горица Охрид го добило, отстранувањето било предвидено за 7 дрвја (4 кедари и 3 бора) на катастарска парцела 5984/1 кои биле „целосно исушени“. Решението го добиле во јуни по барање од април годинава. Иако дрвјата „претставувале опасност по луѓето и материјалните добра“, сепак, по нивно отстранување се посегна дури 4 месеци подоцна.
Но, вчера не се исекоа само 7 дрвја и само таму. Се сечеше и на парцела 5976/1 која е во државна сопственост, а за која решението јавноста не го видела. Од приложениот материјал и исказите на очевидците се гледа дека не сите дрвја изгледаат исушено. Дополнително, во согласност со законски регулираното право на пристап до информации, побаравме, а сега и јавно бараме, да ни се достави Евалуацијата за исечените дрвја врз основа на која се дошло до стручна констатација дека дрвјата за кои е донесено решението за сеча биле веќе исушени односно дека не можеле да се рехабилитираат. Исто така, го бараме и списокот на комисијата која одлучувала со стручното звање на секој од членовите.

Понатака, го повикуваме градоначалникот и неговите стручни служби на транспарентност, и дополнително да дадат отчет за спроведените компезаторски мерки кои се пропишани со закон, на секој од субјектите на кои им издале одобрение за отстранување зеленило и тоа барем во последните 2 години. Исто така, за сите оние кои извршиле надоместување на загубата во дрвја со засадување нови „чиј збирен пречник одговара на пречникот на пресеченото дрво, при што новите дрвја треба да бидат постари од шест години“, колкава е успешноста на засадените нови дрвја? Какви мерки биле спроведени врз оние кои не ја исполниле обврската?

Во оваа прилика и ќе напоменеме дека компезаторските мерки, кои сами по себе звучат бизарно, не се предвидени како лесна замена за децениски дрвја. Имено, според современите практики, сечењето е мерка која се изрекува како последна опција, односно кога сите други се исцрпени и тоа, откако ќе се направи стручна анализа и ќе се утврди дека рехабилитацијата на СЕКОЕ ЕДНО ДРВО била невозможна. Бидејќи 6-годишно дрво, не ја врши истата функција како и 60-годишно. Екосистемот го знае тоа, ама дали и градоначалникот и неговите службеници? Затоа, таа проценка е предвидено да ја прават експерти. Прават ли службите во Општина Охрид таква проценка? Еве прилика да ѝ кажете на јавноста, според која методологија комисијата за проценка одлучува.

Изненадувачки, градоначалникот има проблем со Охрид ЅОЅ, со неформална, ВОЛОНТЕРСКА еколошка група, наместо со одобрение за сечење здрави дрва. И додека ни кажува што да работиме, еве ќе го потсетиме, на Проектот за ревитализација и туристичка валоризација на Студенчишко Блато, на Зелената платформа за Охрид, на нашите трудови објавени во научни списанија и извештаи за светското наследство на светско ниво, ќе го потсетиме и на комплетната документација од 80 страни за номинација на Охридско Езеро за Рамсар што ја изработивме ние, а е работа на државните институции. Градоначалниче, земете ги, употребете ги! Поднесете ја апликацијата до Рамсар! Знаете ли зошто постои Охрид ЅОЅ? Токму поради нефункционалноста на институциите. Знаете ли зошто е толкава и жестока реакцијата на граѓаните? Токму поради тоа што години и години наназад токму градоначалниците и локалната самоуправа потфрлиле во својата служба кон граѓаните. Знаете ли колку дрвја исчезнаа низ годините?! Еве уште една прилика, излезете со статистика колку дрвја се исечени во општина Охрид во изминатите 15 години, со кое образложение биле исечени, колку се засадиле и колку успеале. И покажете барем малку грижа. Чудно градоначалниче, сечењето здрави дрвја очигледно видно ги вознемирува граѓаните, но не Вас и Вашата институција. А, зарем Вие не сте избрани да ги застапувате токму нивните интереси, на граѓаните. Не сметате ли дека ако тие се вознемирени, Вие треба да сте вознемирени? Впрочем која е Вашата функција, прашуваат од Граѓанската иницијатива Охрид SOS. (Крај)

извор: Охрид SOS фото: Охрид SOS

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука