Охрид, 2. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Врнежите од дожд што ги имавме минатата недела придонесе реалноста да излезе на виделина, велат од граѓанската иницијатива Охрид SOS.
– Само за половина час, реалноста (канализацијата) која упорно се игнорира, „исплива“ на површина. Годинава, кога се бележат 40 години од впишувањето на Охридското Езеро за УНЕСКО добро од светска важност, ние меѓу другото може да се „пофалиме“ со катастрофално загадување за кое знаеме со години и за кое ништо не е преземено, пишуваат од Охрид SOS.
Додаваат дека милионски старото, древно езеро, едно од само малкуте на планетата земја го убиваме ден за ден, сè позабрзано, сосема несвесни и крајно неодговорни и прашуваат „Со кое право?!“.
Бројчаникот на УНЕСКО кој е поставен на OhridPress денес покажува дека остануваат уште 151 ден до 1-ви февруари 2020 година, рок даден на одговорните да ги исполни сите 19 препораки дадени од УНЕСКО или во спротивно на следната сесија во јули ќе заврши на листата загрозени подрачја.
Една од препораките за подобрување на системот за отпадни води се однесува на одржување, обновување и продолжување на колекторскиот систем. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Охрид SOS