јули 21, 2017

Охрид, 21. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Првата недела од jули (01 – 07 jули),  ја одбележавме како Еко недела во Охрид преку збир активности и работилници со цел подигнување на еколошката свест кај младите, информираат од Охрид SOS.

– Општо Македонија сведочи екстремно ниска еколошка свест која резултира со енормно количество на отпадоци кои го нагрдуваат пејзажот, ја загадуваат природата во која живееме, водата која ја пиеме итн.  Надлежните органи и институции, особено во помалите градови и населени места, години наназад не можат да го решат проблемот за управување со цврст отпад и отпадни води, што се надеваме набрзо да стане приоритет. Еко неделата во Охрид опфати запознавање со вредностите на Охридскиот регион,  како едно од 35-те светски подрачја со двоен статус на УНЕСКО за светско природно и културно наследство,   разговор и дискусија со активистите на граѓанската иницијатива Охрид SOS, дводневна еко патрола по крајбрежјето на езерото и Националниот парк Галичица како и целонеделна работилница за краток филм на тема „Природата ќе најде начин“ (Nature will find a way). Главни учесници  беа  млади извидници од Белгија кои со голем ентузијазам сакаа да научат за убавините на Охридското Езеро и да се приклучат кон активностите за негово зачувување. Овие деца од по само 17 години, со својот труд, ангажираност и финални резултати од филмската работилница и покажаа многу високо развиена свест и грижа за заштитата на животната средина.  Се надеваме дека преку нивниот глас ќе допреме пошироко до светот, алармирајќи за проблемите со кои се соочува Охридското Езеро, едно од најстарите езера на светот значајно заради разновидниот ендемски свет и исклучителната биолошка разновидност, информираат од Охрид SOS.

ekonedela2Додаваат дека учесниците поделени во три групи во тек на работната недела изработија кратки видеа за кои беа наградени во категориите: најдобра камера, најдобро сценарио и најдобра монтажа.

Како секој од нас може да придонесе за почиста и поздрава животна средина во Република Македонија, прашуваат од Охрид SOS?

– Со паметна конзумација и рециклирање на амбалажни производи, намалување на сопствениот отпад, чистење на околината од сопствените и отпадоците на други несовесни граѓани, кои и самите посакуваат истата да биде чиста. Така ќе служиме како добар пример за другите и сите заедно ќе може да уживаме во убавините на нашата земја, без да замижуваме пред загадените одморалишта и пикник места во природа, додаваат од Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука