Охрид, 25. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Александар Петрески ја објави 4. композиција од серијалот „Calmness“, со музика инспирирана од Охрид и Охридското Езеро.
– Охрид има привилегија да лежи над непроценливо богатство, односно да лежи врз темелите на античкиот град Лихнид. Во Охрид се наследува енергија со генерации, непрекинато од древни времиња, па се до денес. Знаците на живеење, уметноста и културата полускриени, ѕиркаат од секое камче. Феноменалниот спој на природата и културата биле наслада за многу наши предци, кои случајно или не биле дел од оваа оаза на времињата. Ова е мојата четврта, „Calmness“ композиција, посветена на Охрид, овој пат со осврт на културното наследство. Ова е досега најчудната и најнеобична композиција која сум ја направил. Инспирацијата ја добив и собирав на лице место летото 2024, кога ги снимав и материјалите за ова видео. Во видеата вклучени се само дел од многубројните цркви, археолошки локалитети, базилики со прекрасни подни мозаици, Античкиот театар, Самуиловата тврдина, Горна порта, Плаошник, разни камени скулптури и плочи од охридскиот Лапидариум. Најголема фасцинација ми претставува градењето „нови“ градби со материјални остатоци од некогашни постари објекти. Тука е направен мостот и преминот за течење на енергијата низ времето, вели Александар.
Тој испраќа голема благодарност до Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид и Управата за заштита на културното наследство кои му излегле во пресрет за снимање и објавување на видеото.
– Затворете очи, уживајте и патувајте во времето, додава Александар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива