Охрид, 25. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Горан Китевски поднесе независна кандидатура за градоначалник на Охрид.
Во краткиот разговор што го направивме со Китевски тој ни ги откри неговите амбиции и зошто одлучил да влезе во трката за прв човек на Охрид.
– Кандидатурата за градоначалник на Охрид потекнува од некој вид на зголемување на политичката и општествената свест кај популацијата и обид за барем мала промена на едноличноста и безбојноста на политичките опции, застапувани отсекогаш и на локално и на државно ниво, потенцира Китевски за Супер Радио и Ohridpress.
Инаку, Горан Китевски е роден во Охрид. Основно и средно образование завршил во родниот град. Докторант е на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде што е редовно вработен. Негово научно поле на работа е политичка географија и геополитика.
Според законските регулативи, за општина како Охрид, за валидизирање на неговата кандидатура потребно е да собере 350 потписи. Секој граѓанин кој има постојано жителство во Општина Охрид може преку потпис да ја поддржи кандидатурата во канцеларијата на Општинската изборна комисија, а со себе треба да понесе само лична карта. Според податоците со кои располага досега, Китевски вели дека има собрано близу 100 потписи, а крајниот рок за собирање на потребните 350 истекува на 4-ти септември. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: fb