Охрид, 4. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓаните Димитар Пејчиновски и Коста Трифуноски ќе ги бранат боите на Република Македонија на Светското првенство во Текбол, кое денеска започнува во Ho Chi Minh City, Виетнам и ќе трае до следната недела, 8-ми декември 2024 година.
– Во годината во која текбол одбележува 10 години постоење, во Ho Chi Minh City доаѓаат најдобрите текери од светот кои ќе се борат за светски титули во пет дисциплини. Јас ќе учествувам по петти пат на Светско првенство, прво на 4-ти декември во поединечна конкуренција, додека на 5-ти декември во парови заедно со Коста Трифуновски ќе имаме можност да ја претставиме Република Македонија и Охрид во најдобро можно светло, вели Димитар за Супер радио и OhridPress.
Текбол е вид на спорт што е основан во 2014 година во Унгарија од Габор Борсани, поранешен професионален фудбалер и Виктор Хусар, програмер. Текбол е игра меѓу двајца играчи како сингл, или меѓу три или четири натпреварувачи како игра во двојки и личи на пинг понг. Ултра популарниот спорт, што зема сѐ поголем замав, се игра на заоблена маса со топка слична на фудбалска, која се префрла со кој било дел од телото освен со рацете.
На меѓународно ниво, играта е претставена од Меѓународната федерација за тегбол (Fédération Internationale de Teqball-FITEQ). Голем број фудбалери од светска класа како Нејмар и Кутињо веќе учествуваа на вакви натпревари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива