Женева, 18. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Игор Јованоски неодамна на церемонија во Женева на Интернационалниот саем за автомобили, доби диплома како еден од десетте најдобри продавачи на автомобили во Шведска.
Станува збор за натпревар на кој учествуваат сите продавачи на брендот „Волво“ од цела Шведска. Како што вели Јованоски за Утрински весник, признанието се дава според бројот на продадени возила и квалитетот на услугата.
– Секој клиент откако ќе ги добие клучевите има можност преку доброволна анкета да се изјасни како и колку е задоволен од својот автомобил, од мојата услуга, а има и прашања за љубезноста и гостопримливоста на дилерот каде што го купил своето возило. Значи мојата оценка не зависи само од мене, туку и од мојот тим кој ме поддржува и ми помага да добиеме еден задоволен клиент, кој ќе повторно ќе не’ побара по неколку години, кога е време за менување или за подновување, појаснува Јованоски.
Тој подолго време живее, работи и ја гради својата кариера во Шведска. Додава дека да се постигне таков успех од позиција на странец во Шведска, не е лесно.
– Имав многу среќа, уште на почетокот почнав да учам јазик по три часа на ден. Во исто време кога учев почнав и да работам во еден од реномираните рибни ресторани во Гетеборг, „ГГ12“. По две години почнав во „Волво“ како работник на линијата за производство. Секој ден поминував со автомобилот покрај салонот за продажба, и се мотивирав еден да работам таму. Овој план и желба го споделив со мојот шеф во фабриката, кој ми вети ако слушне, нешто ќе ме извести. По една година се сретнавме случајно и ми кажа дека бараат луѓе на тоа работно место. Така започна моето патување последниве 13 години во „Волво“, додава Јованоски.
Охриѓани го препознаваат од времето кога бил дел од тимот на познатото кафуле „Мецофорте“. Јованоски вели дека секогаш кога има можност ги посетува неговите родители во Охрид. (Крај)
извор: Утрински фото: Утрински