Охрид, 1. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Младиот Охриѓанец Мухамед Максуд Муки, откако собра повеќе од потребните донации за неговиот медицински зафат, остатокот од собраните средства ги донираше за лекување на друго дете.
Имено, 21-годишниот Мухамед Максуд од Охрид, кој е студент и истовремено работи како таксист, треба да оди на трансплантација на бубрег. Тој имал ретка болест на бубрезите, а донор ќе била неговата мајка, јави Фокус.
Мухамед ги собрал потребните средства за трансплантацијата, па дури и повеќе пари од потребната сума од разни хуманитарни канали, а остатокот од финансиите решил да ги редонира за 10-годишната Јована Ѓорѓиева, која боледува од ретката болест WEST Syndrome.
Со својот гест Мухамед покажа дека солидарноста нема граници, но исто така им даде пример и на останатите лица кои се нашле во слична состојба, лекувањето да им зависи од хуманоста на народот, да ја покажат својата големина, и доколку соберат повеќе средства од потребните, да ги редонираат. (Крај)
извор: Фокус/Вики Клинчарова фото: архива