Алборг/Охрид, 16. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Дигиталниот развој треба да се насочи да ги решава големите проблеми, како климатските промени и нееднаквоста меѓу луѓето, вели охриѓанецот Петар Поповски, професор на Универзитетот во Алборг, Данска.
Во интервју за страницата на Факултети.мк, Поповски објаснува за неговата активна работа на полето на истражувачјата дејност. Со група истражувачи во изминатите години работеше на импресивни проекти. Во моментот е вклучен во финална реализација на проектот METIS 2020 и безжичната 5G технологијата.
– Првата фаза на METIS заврши во 2014 и тоа беше првиот голем европски проект за 5G, со кој Европа презеде водство во 5G технологијата. Од тој проект излегоа серија нови проекти за различни аспекти на 5G, ние сме инволвирани во еден од нив. 5G се развива многу брзо, до пред 3 години беше само на концептуално ниво, и со тоа мојот личен интерес за таа област беше голем. Сега многу аспекти од 5G влегуваат во стандардизација, каде истражувањата се од поинаква природа во споредба со академските истражувања. Јас сѐ уште работам на некои аспекти од 5G, но поголемиот број на активности ми се во областа на фундаментални истражувања за Internet of Things, како и некои нови концепти за безжични комуникации, на пример радио мрежи со cloud архитектура, вели Поповски во интервјуто за Факултети.мк.
Поповски е еден од нашите најуспешни научници во светот. Неговите успеси се обележани со предзнакот „првенец“, од средното образование во родниот Охрид, до студиите на Електротехничкиот факултет во Скопје. Лани беше еден од петмината добитници на наградата EliteForsk, која ја доделува Министерството за високо образование и наука на Кралството Данска, а годинава го примија во данската Академија за технички науки (ATV).
– Телекомуникациите се силно поврзани со веројатност и статистика, работи за кои имав интерес уште од средното насочено образование во Охрид. Исто така, бев дел од една амбициозна и мотивирана група студенти, што многу значи за личниот развој и стимулирање на академскиот профил, додава Поповски. (Крај)
извор: Факултети.мк фото: Поповски