Се уште не се пристигнати вакцините за сезонскиот грип во Охрид.
Од Центарот за јавно здравје велат дека ги очекуваат кон крајот на оваа или почетокот на наредната седмица, а веднаш штом ќе пристигнат во градот, ќе започне имунизацијата на граѓаните.
Инаку, во оваа јавна здравствена установа се нарачани околу 2.500 вакцини против сезонскиот грип од кои 600 ќе бидат наменети за струшкото население.
Минатата година исто така беа набавени 2.500 вакцини, количество кое се смета дека ги покрива потребите на поризичните категории граѓани кои треба да се имунизираат во реоните што ги покрива оваа здравствена установа, Охрид, Струга и Дебар. Според најавите, и цената на вакцините ќе се движи како и минатогодишната, околу 400 денари.
Вакцината против грип е незадолжителна вакцина и се дава на доброволна база. Пожелно да се имунизираат сите луѓе кај кои не постојат пречки (контраиндикации) за вакцинација. Сепак, постојат таканаречени „приоритетни ризични групи”, на кои посебно им се препорачува редовна вакцинација.
– Најдобро е вакцината да се прими пред почетокот на сезоната на грип (октомври, почеток на ноември), за да може организмот да развие имунитет навреме. Не е штетно или недозволено да се прими вакцина и подоцна во текот на сезоната, но тогаш се зголемува можноста човекот да заболи пред да биде заштитен, препорачуваат лекарите.
Супер радио/А.Р.