февруари 6, 2015

Охрид, 6. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓани кои имаат ниски приходи а живеат во колективни згради постари од една деценија, можат колективно да аплицираат за добивање поволни заеми во рамките на проектот на Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД и организацијата „Хабитат Македонија“ за енергетска ефикасност за секторот домување.

Со заемите што ги одобруваат овие организации, може да се променат прозорци и балконски врати, како и да се подобри фасадата на објектите со што ќе се намали губењето на топлинската енергија и ќе се обезбеди подобра термичка изолација.

Проектот најпрвин пробно се реализираше во Скопје и Куманово каде беа реновирани три згради со различни начини на греење. Активностите сега се спроведуваат на територијата на целата држава. Право на учество, според Теодора Стефановска, проект координатор во „Хабитат Македонија“ имаат станбени згради кои се изградени пред најмалку 10 години, а заедниците на сопственици, односно традиционално познатите „куќни совети“, треба да се согласни да земат поволен заем за финансирање на енергетско ефикасните мерки.

– Станарите, односно сопствениците на станови од избраните згради, ќе треба да потпишат согласност и договор за користење на заем за спроведување на избраните енергетски ефикасни мерки пред започнување на каква и да е градежна активност поддржана од проектот. Станарите најчесто се одлучуваат за замена на дограмата во своите станови, за изолација на фасадите и на кровните конструкции. Покрај финансирањето на енергетско ефикасните мерки, проектот воедно работи и на јакнење на капацитетите на сопствениците на станови за управување на своите згради, согласно Законот за домување, појаснува Стефановска.

Енергетско ефикасни мерки досега се преземни кај 603 домаќинства во 31 зграда во седум општини во Македонија. Истражувањата покажале дека по една година од инвестицијата која се вложува за енергетска ефикасност, станарите плаќаат сметки за електрична енергија пониски за 29 проценти. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука