Охрид, 13. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Велигденските празници кои ги оставивме зад нас беа одлична најава за главната туристичка сезона која е пред нас.
Веќе почнуваат авио летовите од повеќе европски центри до Охрид. Во недела организирано пристигнуваат првите туристи од Истанбул, па ќе ни дојдат Холанѓаните, Полјаците…
Пред официјалниот старт на летото, градот хортикултурно се средува, се санираат ударните дупки… Супер радио и OhridPress денес го побараа ставот на охриѓани кои се приоритетите за да ја дочекаме сезоната максимално подготвени.
Речиси едногласни се дека треба да се реши проблемот со гласната музика што многу сезони наназад ги оставаше без сон, како и да не се повторува панаѓурскиот лик на Охрид со тезги на несоодветни места.
– Живеам во стариот дел на градот, минатото лето едноставно беше невозможно око да склопиме. Навистина живееме во туристички град, но не сме единствени. Апел до локалните власти ова да не се повтори сезонава.
– Слушнавме од вас медиумите дека ќе биде воведен ред во поставувањет урбана опрема, а тие кои тоа ќе го прават на диво ќе бидат казнети. Навистина беше редно време Охрид да заличи на туристички бисер, а не на панаѓур.
Охриѓани бараат и санирање на оштетувањата на градското шеталиште, кое претрпе оштетувања по невремето кое на два пати го зафати Охрид. Граѓаните ја поддржуваат идејата улицата „Македонија“ да биде адаптирана во пешачка зона, а секако бараат и повеќе паркинг места.
– Добра е идејата улицата да биде чиста за нас пешаците, конечно да имаме место каде ќе може слободно да се движиме и да ги пуштиме нашите деца да се забавуваат и играат. Сега навистина тоа ќе значи помалку места за паркирање, но нека се размислува за катна гаража, нешто за што одамна се зборува.
– Секако катна гаража е нешто што му треба на Охрид. Верувам дека тоа не може нормално да се заврши до оваа сезона, ама нека се размислува за понатаму.
Во разговорите граѓаните кои ги анкетиравме изразија задоволство од нивото на чистота во градот и акциите кои се реализираат.
Очекувањата се едно, најавите друго, а она што ќе се реализира е нешто трето. Останува да видиме колку од очекувањата на охриѓани ќе бидат остварени, сето тоа во насока на подобро претставување на градов пред туристите кои ги очекуваме. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес