Охриѓани се подготвуваат да ги прослават Стара Нова година и Василица, во многу домови уште се подготвува топејнца со паричка
јануари 10, 2025

Охрид, 10. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници во Охрид се подготвуваат да ја прослават Стара нова година и празникот Василица.

Според верувањето, празникот Василица го означува почетокот на новата година. Празнувањето ги обединува старите обичаи и верувањата на народот, со христијанската традиција.

Празнувањето на Стара Нова година и Василица е поврзано со голем број на обичаи, кои се разликуваат од едно до друго место, па дури, како што вели народот, „од едно сокаче до друго ќе се сретнат различни обичаи“.

Многу семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден. Старата година се испраќа и со палење василичарски огнови, кои се симбол на божествената светлина.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Од дамнешни времиња традицијата во Охрид наложувала да се подготвува варена топејнца со паричка, токму спроти денот посветен на Свети Василиј Велики. Постарите охриѓани го знаат и го пренесуваат на помладите, а денешните генерации се обидуваат да го зачуваат и продолжат овој стар традиционален охридски обичај.

Топејнцата во суштина значи варено тесто со некои додатоци да се добие на вкус и во него ставена паричка. Се подготвува од варено брашно варено тесто во кое има вода, сол, шеќер и брашно. Вареното тесто се дели на топчиња кои намастени едно врз друго се плескаат колку што е ширината на тепсијата. Тестото се шара засекувајќи го со лажица по целата површина на тепсијата, на растојание од 1 сантиметар, се става паричката и се пече полека, а потоа се крши и се дроби како за попара.

Може да се јаде и така, но традицијата не е довршена на овој начин. Се крши на парчиња да се пржи долго на тивок оган, да се истопи како алва. Дури тогаш се добива оној убав и неспоредлив вкус со ниедно друго јадење од тесто. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Oli Risteska/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука