јануари 20, 2017

Охрид, 20. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден на просторот на денешниот популарен локалитет Сараиште, старите рибари ги оставале мрежите да се сушат, раскажуваат повозрасните жители на Охрид, кои се сеќаваат на убавите времиња поминати со блиските и пријателите на денот по Богојавление, Ден на рибарите.

Традицијата за да се одбележува Денот на рибарите е многу стара, во одреден период престанала да се практикува, но повторно се обновила.

graganidenribarite2

– Овој ден многу значи за рибарите, но за жал, нема веќе рибари. Нема ни риба, за да биде ова место како што треба, со мрежи, кои се слушат. Можеби Музејот еден еден ќе направи напори да ги постави тие стари мрежи, да стојат тука, да се добие тој имиџ кој го имаше во тоа време. Инаку беше неверојатно да се слушаат сите тие верзии на рибарите, приказни кои ги кажуваа за водата, за езерото. Оваа традиција треба да продолжи, но местото да се уреди. Ако се кафетериите, нека има место каде да се седне, но да се врати и имиџот на Сараиште, објаснува повозрасен жител на Охрид.

Неколкумина туристи од Далечниот исток пристигнале вчера во Охрид, бидејќи преку интернет дознале за неколкуте големи настани кои се организираат во овој период од годината во Охрид.

stranskituristi

– Се заинтересиравме за овие настани. Вчера присуствувавме на празникот, она што го видовме покрај езерото беше фантастично. Денес сме на една слична манифестација, многу е убаво, досега не сме биле на ваков настан. Воедно и градот е многу убав.

– Јас сум од Кина, дојдов тука за овој настан. Морам да признаам дека имав можност да вкусам ракија на неколку начини направена, ги кажуваат своите импресии гостите од странство.

Охриѓани се задоволни што секоја година има организиран настан за овој ден, за кој сметаат дека не треба да се остави во заборав. Препорачуваат само да биде воведен поголем ред, за да нема непотребни турканици.

– Убава е манифестацијата, така да продолжи. Само малку ние луѓето треба повеќе да си направиме ред.

– Добро е, дојдовме со внучињата, да ја пробаме чорбата, велат расположено граѓаните кои денес присуствуваа на настанот во месноста Сараиште. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука