Охрид, 26. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Не само ние кои денес дојдовме на плоштадот, туку секој еден граѓанин треба да даде потпис за поддршка на лицата со посебни потреби, апелираат охриѓани, кои од денес во голем број се приклучија во давањето потписи за иницијативата за промени во законите за лицата со посебни потреби.
Дел од граѓаните кои денес беа на плоштадот во Охрид, сметаат дека секој поединец може на било кој начин да им помогне на лицата со посебни потреби.
– Тие се оставени сами на себе, а треба во многу сегменти да им се подобрат условите. Јас сум пензионер. Би се согласил да се одзема по еден мал процент од пензиите, да има за нив, да се чувствуваат барем малку подобро меѓу другите луѓе. Јас лично познавам многу вакви лица. Како занаетчија, во мојот работен век, на многумина кои се движат со колички, им ги поправав количките бесплатно, барем да придонесам колку што можам, во некој дел од животот да им олеснам, вели охриѓанецот Славе Аврамоски.
Според Гордана Лолеска, волонтер на Здружението на граѓани со ретки болести „Живот со предизвици“, здруженијата кои се регионални координатори на спроведување на иницијативата, се надеваат дека со потребните 10 илјади потписи ќе успеат да ги донесат пред Собранието сите барања.
– Граѓаните можат да го дадат својот потпис за измени во законите, подзаконските акти и правилниците кои се однесуваат на лицата со посебни потреби. Со измените се очекува да се подобри животниот стандард на лицата со посебни потреби, нивните семејства, но и да им се подобрат здравствените услуги, кои ги следуваат со закон, а кои се моментално на некое незавидно ниво. Дел од барањата се: лицата со посебни потреби кои се постари од 26 години, да се издвојат од возрасните, кои примаат нега на друго лице. Тоа е едно од барањата, а има доста барања, додава Лолеска.
Денес и утре од 10 до 18 часот остануваат волонтерите на здружението на плоштадот во Охрид каде на посебно обележаните места се собираат потписи.
Дел од останатите барања содржат: измени што се неопходно потребни да се направат во наредните 6 месеци и измени за во наредните 3 години. Како измени неопходни во наредните шест месеци се наведени: за 20 отсто да се зголеми сумата за посебниот додаток за нега на лице со посебни потреби. Родител на лице со посебни потреби, кој работи скратено време, прима плата од 4.800 денари. Се бара тоа да се промени во право на надомест на плата на родител на лице со посебни потреби и сумата да не биде помала од половина од просечната плата исплатена во последните шест месеци и други барања. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес