јули 7, 2024

Охрид, 7. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанката Елеонора Лабоска, основач на студио за убавина Nora Make Up од Охрид доби награда од Фокус радио од Белград на нивната манифестација „Најуспешни дами и брендови за 2024 година“.

Настанот се одржа неодамна во престижниот хотел Hyatt Regency во Белград и на едно место ги собра најистакнатите жени од светот на бизнисот, културата, уметноста и општеството, како и водечките брендови кои се истакнаа во изминатата година.

Лабоска за Супер радио и OhridPress вели дека има високи цели во животот и се стреми да ги оствари, а нејзина пасија е професијата кон која е насочена и посветена.

– Ме контактираше главната уредничка на Фокус радио и нивната комисија. Конкурирав со моето портфолио и сите мои сертификати и дипломи. Учествуваа дами од целиот Балкан и морам да признам дека конкуренцијата беше навистина голема, вели таа.

Радио станицата ги доделува наградите со цел да ги препознае и награди исклучителните достигнувања на жените кои со својата работа, труд и иновативност придонесуваат за развојот на економијата и јавната администрација, како и на пошироката општествена заедница.

OhridPress: Колку години се занимавате професионално со дејноста и студиото?

Лабоска: Професионално се занимавам точно 7 години, но љубовта кон шминката и сè што е поврзано со умeтностa и убавината ме привлекуваше уште од мои 14 години. Кога бев во средна школа рекреирав разни makeup-идеи, а исто така имав и мои цртежи изложени во киното.

OhridPress: Каде го имате „печено“ занаетот, колку имате претходно искуство и какви се’ награди веќе имате добиено?

Лабоска:  Најпрво бев самоука бидејќи не ни замислував дека еден ден мојата љубов и пасија ќе прерасне во работа. Но, откако одлучив да се занимавам професионално со оваа дејност, започнав да посетувам курсеви за да го надоградам она знаење што веќе го поседував. Мојата прва обука беше во Скопје, а потоа посетував и разни мастер-часови во Белград, Тирана. Исто така имам освоено и прво место за halloween-маски во Скопје.

Najuspesnije dame i brendovi fotografija

OhridPress: Како се добива оваа награда, дали се пријавивте или некој ве препорача?

Лабоска: За наградата која ја добив во Белград бев контактирана од страна на главната уредничка на Фокус радио, г-ца Мадиќ и нивната комисија. Конкурирав со моето портфолио и со сите мои претходно добиени сертификати и дипломи. Учествуваа дами од целиот Балкан и морам да признам дека конкуренцијата беше навистина сериозна.

OhridPress: Неколку збора за вашето студио и што сè работите.

Лабоска: Во моето студио може да добиете неколку третмани од кои: Microblading, Powder Brows, Lash lifting, Lash extensions, Brow Lamination и секако шминка. Исто така, оваа година мојот салон Beauty Studio Nora ќе биде префрлен на нова локација со ново руво и повеќе услуги од досегашните.


OhridPress: Неколку збора за Вас лично.

Лабоска: Би рекла дека сум девојка која секогаш има свои цели во животот и се стреми да ги оствари, а мојата пасија е професијата кон која сум насочена и посветена. Мајка сум на едно преслатко момче и сопруга на најпрекрасниот човек кој го познавам. Сметам дека сè што се сака, може да се постигне со труд. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука