февруари 8, 2018

Скопје/Охрид, 8. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Кога ќе се спомене боенка за возрасни сите прво помислуваме на Ивана Горичан и нејзината „Боенка за креативен ден“.

Охриѓанката, која живее во Скопје моментално ги завршува своите студии на Факултет за ликовни уметности, отсек графика и за себе вели дека и кога има слободно време и кога е зафатена таа црта. Нејзиниот Инстаграм профил, потпишан како @ivanagorican е виртуелен простор каде ги споделува своите уметнички остварувања.

– По Боенка за креативен ден и Мала боенка за големи креативци планирав да продолжам со правење на боенки, но можеби поминаа скоро две години, а јас сè уште немав добра идеја. Еднаш нацртав цртеж со цвеќе и инсекти, кој е дел од новата боенка, и си помислив, па ако нацртам уште многу вакви ете ми боенка, раскажува Ивана Горичан за порталот ЦрноБело.

„Сите илустрации се цртани рачно, што ја прави посебна. Исто така е печатена еднострано на дебела хартија, (скоро секој медиум е изведлив, од дрвени боички, фломастери до акварел) и листовите се перфорирани за потоа да можат готовите дела да се врамат. На секоја страна под секоја илустрација има називи на различни цвеќа на латински јазик, исто како и насловот Euphorbia“.

Нејзиното првенче Боенка за креативен ден се има продадено во речиси 4.000 примероци, иако Ивана сè уште е зачудена од успехот, сепак уште пред да ја објави си поставила високи цели.

Со Euphorbia не очекува ништо помалку, освен тоа што е со осмислена тема, новата боенка има и други предности во поглед на техничкиот дел.

ivana gorican boenkata za vozrasni euphorbia ke ve odvede na poubavi i posrecni mesta 3

– Од лично искуство можам да кажам дека боењето смирува, опушта, го носи умот на поубави, посреќни места, споделува Ивана Горичан.

„Првпат седнав да избојам нешто дури сега од најновата боенка и навистина го почувствував тоа. Сакаш само да боиш бидејќи навистина создава некое магично чувство на самозадоволство и исполнетост. Порано си викав јас цртам нема што да бојам, но сега едвај чекам ептен да немам што да цртам за да седнам и да бојам. Боењето помага при стрес и е забавна занимација луѓето тоа да го прават и со сопствените деца“.

ivana gorican boenkata za vozrasni euphorbia ke ve odvede na poubavi i posrecni mesta 4

Откако заврши со боенката, приоритет на Ивана Горичан ѝ е да дипломира и да заврши уште неколку големи графики. Паралелно илустрира и некои други проекти од сличен карактер на боенката, кои планира да ги открие за неколку месеци.

И секако, тука спаѓаат и колажите од банкноти на кои секогаш посветено работи за да на крај направи една голема изложба на таа тема.

ivana gorican boenkata za vozrasni euphorbia ke ve odvede na poubavi i posrecni mesta 5

извор: www.crnobelo.com/Евгениј Хоуп  фото: www.crnobelo.com

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука