мај 3, 2017

Охрид/Бар, 3. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридската атлетичарка Мартина Мироска го освои првото место во дисциплината скок во далечина на 23-от Меѓународен атлетски митинг кој се одржа во Бар, Црна Гора. Нејзиниот резултат беше 5.66 метри.

Мироска ги бранеше боите на Атлетскиот клуб “Охрид”. Таа како репрезентативец на Република Македонија од овој клуб, учествува на Меѓународниот атлетски митинг од 2015 година, кога завршила на третото место. Минатата година се пласирала на втората позиција, за оваа година да застане на врвот.

– На вакви митинзи има учесници од различни возрасти. Конкуренцијата во секоја дисциплина те предизвикува да дадеш се од себе и да излезеш како победник. Особено сум импресионирана од светските, европските и олимписките прваци во мојата омилена дисциплина, скок во далечина, изјави Мироска за Супер радио и Охридпрес.

Следни нејзини планови се подобрување на личниот и македонски рекорд во оваа дисциплина. Тој беше постигнат лани на Државното првенство за младинци и младинки до 19 години во Скопје и изнесува 5.91 метри. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука